Не може да очекувате со свежи цвеќиња да бидат пречекани бугарските дипломати пред нивната Амбасада, ниту пак колите да им бидат посеани со латици од ружи, ако со години имате создавање на трујачници од двете земји. Сега е сеедно дали се платени провокатори или тајни служби, или во краен случај се само револтирани будали кои слушаат низ годиниве како Бугарите нѐ мразат и сакаат да ни го земат најмилото-идентитетот, јазикот, душата, среќата, животот.
На прв поглед убаво звучат овие состојби на националистички транс, на втор поглед веќе секој со трошка разум би се замислил, но третиот, е, третиот е ставање крај на лудилото, затоа што тоа лесно може да прерасне во хаос и конфликт, кој никој и ништо потоа нема да може да го сопре, ниту пак контролира.
Премиерот Мицкоски и министерот за надворешни работи Муцунски, но и претседателката Силјановска секако, како и сите нас имаат рането срце и кротка словенска душа, сите заедно сме крајно гневни и бескрајно разочарани, огорчени, лути и бесни, длабоко навредени и ужасно повредени од сите бугарски барања, негирања, провокации, омаловажувања, потсмевања низ годиниве, конечно низ историјата. Тоа не е историја на ослободување, туку окупација од страна на Бугарија во Втората светска војна, тоа се злосторства и безмилосен терор, како што само војните можат да бидат.
Можеме ние и понатаму, низ следните векови, до крајот на светот, додека не се сруши и последното живо битие и не овене најжилавата билка, да очекуваме извинување, каење, емпатија и соочување со историските факти од страна на Бугарија.
Можеме да стоиме замрзнати и заковани така, непопустливи и бескомпромисни сѐ додека не го видиме бугарскиот историски гест на клекнување, како оној на западногерманскиот канцелар Вили Брант од 7 декември 1970 година, кај Споменикот на варшавското гето во Полска.
Но, додека тоа не се случи, Мицкоски, Муцунски и Силјановска мора да сторат сѐ да ја сменат својата политика на обвинувања, револт, бес и гнев кон Бугарија. Да разберат дека политиката како и дипломатијата се комбинација на тешки и мудри вештини, ужасни вратоломии на лукавост, кога со прегратките и насмевките создавате пријатели од непријателите, иако имате искрена, исконска желба да им објавите војна до истребување, секако дека мислам на политичка и дипломатска, што сега за жал е на менито на македонските челници. Конечно, сите крвави, ужасни војни завршуваат токму со пружање рака, со погледнување во очи на непријателот и ставање крај на пеколот.
Можеби запалената реторика која сега ја употребуваат ќе им донесе нови изборни победи низ деценииве, можеби дури и низ вековите, сѐ до крајот на историјата на цивилизацијата. Многу е можно, секако, доколку медицината волшебно напредува и станеме бесмртни, горди Македонци, историски жртви на неправдите и злото низ политичката историја. Но, разумот во некој момент мора да преовлада, нека застанат за момент и нека се замислат сериозно Мицкоски, Муцунски и Силјановска, какви ефекти, резултати и последици има оваа потпалувачка атмосфера која се создава од нивните изјави, за кои тие мислат дека се крајно патриотски и домољубни, како на никој досега, никогаш, никаде.
Кога би можеле сите тие обвинувања да ги пренасочат и преобликуваат во смирувачки и конструктивни повици за подобрување на односите со Бугарија, особено тогаш кога челниците од Софија употребуваат крајно груба и националистичка реторика, кога би можеле со политички и дипломатски талент да ги победат, ех, кога би можеле. Нека се обидат, нека направат напори, нека ја свртат страницата, онаму каде сериозната и мудра политичка моќ ќе стапи на сила.
Тоа е единствениот начин да се преживее во вакви времиња, кога една искра може да нѐ согори сите, а не па овие досегашни пламени јазици кои ветуваат уште пофатален крај од пепелот, дури и чад од нас да не остане.
