25 минути

Сето тоа народот ќе го позлати

Во услови кога дури ни 48% од Македонците не можат да отидат ниту една недела на одмор, олеснувачка околност е заканата за пропаст на пензиите. Такви се најавите, што не значи дека не мора да биде точна оваа апокалиптична вест, но може и да биде.

Сѐ зависи од тоа уште колку години ќе живееме во оваа земја. Квалитетот на нашиот живот не покажува радосни бројки, дури и просечниот животен век е недостижен. Затоа и утешна е онаа претходна мизерија од вест- 48% од Македонците не можат да си дозволат ниту 7 дена да отидат на одмор.

На луѓето во оваа земја и не им треба одмор, доволна сатисфакција им се одморите на политичарите, платени со крваво заработените неколку илјади евра плати. Ама не само што гласале за нив, граѓаните во оваа земја се спремни да загинат во расправиите и вербалните колења, токму за своите политички избраници. Се колнат и крстат во нив, се радуваат на сите нивни успешни одмори, летни и зимски, со страв и почит ги гледаат сите функционери што имаат службени коли и банкарски картички.

Луѓето во оваа земја се неверојатно несвесни и запрепастувачки неинформирани дека не само што  тие лично ги плаќаат функционерите, туку и не можете да ги убедите дека ако нема отчетност на трошењето пари, тоа е темелот на корупција. Не можете да им објасните на луѓето во оваа земја дека функционерите имаат законска обврска да покажат каде ги трошат парите, затоа што сите сите нивни удопства и привилегии се финансирани токму од парите на граѓаните. 

Наивни и несвесни какви што се Македонците, кутрите тие дилетантни, не разбираат висока политика и стратешки, државнички обмислени проекти на политичките великани. Осиромашувањето на граѓаните и нивната непостоечка финансиска моќ за да летуваат барем една недела, всушност е одлично замислен план, за да бидат максимално заштитени од надворешниот свет. Таму, надвор, насекаде, демнат опасности, надвиснати се како самурајски меч, перфидно наострен, бескомпромисен во намерата. Кој ќе ве заштити ако не вашите избрани политичари, оние за кои би ставиле рака во оган и глава во торба, за да продолжат да ве водат низ мирниот, спокоен животен пат.

Нема поубава земја од Македонија за летување, но не каде било, исклучиво е најубаво вашата населба на живеење, вашата платежна моќ не дозволува повеќе. Бидете разумни, топлината на домот ќе ви ја објаснат политичарите за кои сте гласале, откако ќе се вратат од летувањата и зимувањата. Нека уживаат, колку што можат, колку што сакаат. Сето тоа народот ќе го позлати.