25 минути

Скокаш како кокошка

Тогаш кога пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, извесна Лидија Петковска, за која никогаш никој не чул за неа, тогаш кога со презир и се обрати на нејзината парламентарна колешка од опозициската СДСМ, Јована Тренчевска- “Скокаш како кокошка”,   токму тогаш, дури тогаш, влезе во историјата на светската политика. Да се биде пратеник е функција пред сѐ на чест, на благородништво, на моќ и сила да ги застапувате интересите, соништата, идеалите и идеите на луѓето кои ве избрале за ваш лидер, застапник, зошто да не, и месија.

За волја на вистината, Лидија Петковска е избрана од други големи лидери, Христијан Мицкоски, но тој е само човекот кој не знаел во тој момент со што располага како човечки квалитет, тогаш кога климнал со главата и ја повел во светата институција, Парламентот.

Но, политичките лидери ретко знаат дека не се оние кои се најголемите, затоа што оние кои се најнезгодните, се оние кои ги избрале, и еден ден стануваат прилично сурови кога доаѓа моментот на пресуда и студено вртење на грбот- за жал тоа се граѓаните, тоа е народот.

Отсега, па сѐ до крајот на ова неизвесно патување низ животот, госпоѓата Лидија Петковска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го носи овој крст на бришењето на величенственоста на професијата политичар, на еден голем политичар, на Черчил.

Неговата интелектуална премоќ, боцкав до смртоносни убоди-сарказам, елегантен цинизам, забавен и шармантен начин да ги заковате политичките непријатели со бруталност, но тоа да биде така нежно и заводливо, така возбудливо, што ќе посакувате да ве оддува доволно далеку, само за да ве доведе кај него, за да ве стави во некаков пристоен ред, онака како што тој сака и замислил.

Сега присетете се на легендарната кавга со Лејди Астор, Ненси Астор, првата жена што седна во Парламентот, неверојатно искричаво и тензично изгледаше тој нивен однос, таа постојано се расправаше со Черчил.

Нивниот најпознат рафал се случил за време на викенд-собирот во палатата Бленхајм:

Лејди Астор: „Винстон, да бев твоја жена, ќе ти го отруев кафето.“

Черчил: „Ненси, да бев твој сопруг, ќе го испив.“

Иако оваа размена се случила  пред салата на Парламентот,  пратеничката од Лабуристичката партија Беси Брадок во 1946 година, гледајќи го Черчил како се ниша, остро му се спротивставила:

Беси Брадок: „Винстон, ти си пијан, и уште повеќе, ти си одвратно пијана.“

Черчил: „Беси, драга моја, ти си грда, и уште повеќе, ти си одвратно грда. Но, утре јас ќе бидам трезен, а ти сепак ќе бидеш одвратно грда.”

Кога го нападнал адмиралот и пратеник лорд,Чарлс Бересфорд, во 1912 година, Черчил одржал мастерклас за оценување на интелигенцијата на противникот:

“Тој е еден од оние говорници за кои е добро кажано: Пред да станат, не знаат што ќе кажат; кога зборуваат, не знаат што зборуваат; а кога ќе седнат, не знаат што кажале.“

Черчил го презирал перципираниот недостаток на цврстина кај лабуристичкиот премиер Ремзи Мекдоналд. За време на дебатата во Долниот дом во 1931 година, Черчил раскажа спомен од детството за циркуска изложба на која учествуваше „Чудото без коски“, заклучувајќи:

“Чекав 50 години за да го видам чудото без коски како седи на клупата на Финансии”. (Се работи за првиот ред седишта од десната страна на претседателот на Парламентот во парламентарните системи, како што се британскиот Долен дом или индискиот парламент. Таа е исклучиво резервирана за министри во кабинетот и шефовите на Владата).

Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница го нарече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи- фрустриран и мизогин лик, откако тој на седницата за реконструкцијата на Владата ја критикуваше работата на премиерот. Битиќи рече дека нема никакви економски резултати, процесот на евроинтеграции е закочен и Владата не прави ништо по тоа прашање, како и дека во земјава владее авторитарен режим.

На страницата на британскиот Парламент ( Unparliamentary language – UK Parliament) се запишани и одредени стриктни правила за однесување на пратениците:

“Непарламентарниот јазик ги крши правилата за учтивост во Долниот дом. Претседателот ќе му наложи на пратеникот кој употребил непарламентарен јазик да го повлече. Одбивањето да се повлече коментар може да доведе до дисциплинска казна за пратеникот, на пример, претседателот може да го „именува“ пратеникот.

Зборови на кои претседателот на Парламентот има приговори во текот на годините вклучуваат никаквец (ништожник), кукавица, кретен, идиот, хулиган, стаорец, свиња, полициски доушник, издајник и предавник”.

Сепак, мене најмногу ме погоди обраќањето на премиерот кон пратеникот на Левица, Амир Мециновиќ: “ Се откажа од својот родител. Замислете, човек којшто се откажал од својот родител, треба да ги брани граѓаните на Македонија”.

Черчил на ваквиот удар би се насмеал, би запалил пура и би продолжил да пие, дури и би се согласил и на отров, само да не слуша и не гледа повеќе, но секако дека не би го испил отровот. Неговиот избор бил да се биде секогаш господин, безобразен виртуоз,  дури и тогаш кога ги презирате политичките  непријатели. Во интелектуална дебата да ги сомелите и уништите. Така само може да се биде најголем и најдобар, така се станува Черчил.