25 минути

Да го прославиме талогот на фекалиите

Премиерот Мицкоски кога се пресметуваше со опозицијата и ја нарече талог на општеството, се обрати со вистинскиот речник со кој го славеше 2 август, како што му прилега на празникот. Суптилно, дипломатски, господски, како што доликува на најголемите државници во историјата на човештвото.

Драго ми е што премиерот не го признава овој празник дека е важен за македонската држава, дека темелите на оваа држава  не се ниту во НОБ и АСНОМ, ниту во Илинденското востание, туку токму во талогот кој ја дефинира државава:

“Она што ме загрижува е што лидерите на опозицијата, наместо натпревар со идеи, концепти и предлози, создаваат блато составено од многу нихилизам, омраза, ширење епидемија од дефетизам, како супститут на квалитетна понуда. Не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не му верувајте на тој талог од неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно”. 

Во речникот на македонскиот јазик, кој е на интернет сајт и е заштитен во гаранцијата дека станува збор за официјален преку насловот преку зборот  владин (талог | Македонски.гов.мк), талог подразбира следново: “Луѓе од најнискиот, најлошиот слој на општеството. Пр: Талогот на човештвото.”

Темелите на оваа држава  не се во НОБ и АСНОМ, ниту во Илинденското востание, се согласувам со премиерот.  Тие се ископани и закопани засекогаш во некое друго време, затоа е добро со презир да се слават, со омраза и бес кон талогот, кој глодарите го трасираа и нѐ втурнаа сите во калта.

Постоењето на опозицијата е најлошото решение за една власт која не ја признава демократијата. Затоа и има право Мицкоски и сите негови луѓе да ја нарекуваат опозицијата талог, многупати, откако се на власт. А што друго може да кажат?

Дека сега се на сила други времиња, кои ги креираат други луѓе, кои безмилосно ги циментираат државните столбови. Дека така изгледа талогот на општеството. Дека тие како општествен и државен талог ја произведоа кочанската трагедија. Само тие и никој друг ги послужија фекалиите во водата на гостиварчани. Дека партиските книшки и припадноста кон владејачката партија се единственото мерило за опстанок на талогот, на најлошиот и најнискиот слој во државата и општеството, кој ги пои и храни сопствените луѓе со фекалии и со небезбедна, опасна по живот вода, и не само во Гостивар. Подобро да не ги набројувам сите градови и села во земјава, нема да остане празна, бела страница. Само црн, лигав талог во кој сите пропаѓаме и се давиме.

Жив песок од кој избегале десетици илјади првачиња и сите нивни семејства, сите наши деца, наши луѓе кои се откажале од домот и земјата, за да не се удават во талогот од луѓето кои ги избркаа, кои ќе ги осудеа на живот од фекалии.

Среќна е оваа земја со ваква иднина. На која само пустошот од талогот и остана и ништо повеќе за славење и величење, кога иднината е во прашање. Ако така некој воопшто нема срам да ја нарекува.