25 минути

Таа е вистинската лидерка на оваа земја

Светлана Мојсов е родена во Скопје, Македонија, поранешна Југославија. Низ целиот нејзин животен и работен век, тогаш кога ја пишува историјата на светот, таа е сосема непозната во Македонија, освен за еден мал, неважен за оваа држава- круг, научен е тоа, се разбира. Велам неважен, затоа што нема ништо што е повеќе безначајно од науката во оваа земја, нели?

За науката и образованието политичарите го издвојуваат најмалиот, како зрнце и прашинка буџет, наспроти нивните приоритети- сопствените плати и привилегии, за стотиците именувани директори и директорчиња, агенции и комисии, управни, надзорни и какви сѐ не одбори, кои ги вшмукуваат сите пари на даночните обврзници, кои, каква иронија, всушност ги гласале за да се продолжи научниот пат и допринос на Мојсова, а не за нивните дела и недела.

Но, дали некој чул во Македонија за Светлана Мојсов? Можеби некогаш добила покана во земјата во која е родена, можеби. Но, дали Владата побарала средба со неа, да слушне зошто е важна за целиот свет оваа научничка, да дознае зошто само во Македонија не сме слушнале дека некого го интересираат нејзините дела, да се инвестира во образованието, да се отвори земјата за светот на науката, на триумфот.  

Мојсов во 2024 година е именувана во листата  „Тајм“ на 100 највлијателни луѓе, што е една од многуте, безбројни светски награди и признанија. Оваа листа на „Тајм“ со децении им оддава почит на уметници, иноватори, лидери и пионери во различни области.

Во Македонија претпоставувам дека добивала еднакво награди и признанија, била еднакво славена и почитувана, но во моментов не можам да најдам ниту еден доказ во архивите на оваа земја. Проблемот е во мене, секако не во свесноста за важноста на Светлана Мојсов за придонесите во науката во светската историја, никако, никогаш.

Образложението на “Тајм” за признанието на професорката Мојсов како една од највлијателните личности Професорката Мојсов, како што објавува Рокфелер Универзитетот, се однесува на нејзините револуционерни откритија за хормонот што го регулира шеќерот во крвта наречен GLP-1, кој го отворил патот за лековите за дијабетес и дебелина- Ozempic, Victoza и Wegovy.

Мојсов почнала да го истражува дијабетесот во Рокфелер Универзитетот како студентка и потоа, како постдокторска соработничка во лабораторијата на нобеловецот Брус Мерифилд. Нејзините подоцнежни истражувања доведуваат до огромни научни достигнувања, нови, моќни терапии за третман на дијабетисот и дебелината.

За фактот што новите лекови сега ги користат милиони луѓе, таа изјавила: „Тоа ме прави да се чувствувам исполнето- и професионално и лично“. Мојсов пред извесно време ја добила наградата „Перл Мастер Грингард“ за 2024 година, за нејзиното истражување на хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин, што е една од многуте награди низ годините и децениите.

Иновациите- дериватите на GLP-1 што ги синтетизирала Мојсов биле патентирани – без нејзино знаење – како пептиди способни да го поттикнат лачењето на инсулин, но притоа како единствен пронаоѓач бил наведен Џоел Хабенер.

Мојсов се борела нејзиното име да биде вклучено во патентите и MGH на крајот се согласиле да изменат четири патента за да го вклучат нејзиното име.
Во меѓувреме, Мојсов продолжила да инсистира на признавање на нејзиниот придонес откако нејзините соработници добиле разни награди, а новите верзии на GLP-1 беа одобрени и станаа популарни.

Да, вистинските великани- научниците, во Македонија можеби за политичарите немаат никакво значење. Но, она што треба да знаат е – дека тие се вистинските лидери за нас, за земјата.

Оваа колумна ја имам објавено во април, 2024 година. Светлана Мојсов дури во ноември, 2025 година станува членка на МАНУ. Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова дури сега, деновиве, во септември 2026 година, ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“. Еден од најголемите светски научници од Македонија, академикот Димитар Ефремов, пред некој месец со гордост и восхит ми го раскажуваше тешкиот пат на Светлана Мојсов да се избори за вистинското место во науката, во историјата на светот.

Во меѓувреме, избројте ги буквите и минутите посветени на политичките иновации и триумфи во кои најмногу се споменува талогот како дефиниција на критичарите на оваа власт и оние букви и минути посветени на Светлана Мојсов. Се разбира дека победува презирот и омразата, што е вистинскиот талог со кој е затрупана оваа земја, нема дилема.