Никако не смее да дозволиме да ни се случат во Македонија оставки за бегството на младата Бугарка Ива Михаилова. Затоа што, нема да остане ниту едно име од списокот, барем еден функционер на власт да ја одбрани честа. О, да, во иднина нѐ чекаат и очекуваат безброј нови и нови бегства, ова е само почеток, во оваа земја нема никогаш крај, а сосема различно ветуваше почетокот.
Но, случајот со Ива Михаилова е само мала полноќна музика, нежна соната за да верувате дека вака изгледа светот, дека секаде има корупција, неказнивост, дека сите се виновни освен оние кои се одговорни, оние кои ја положиле заклетвата дека ќе им служат на граѓаните, оние кои се колнат во патриотизмот сѐ додека не ја почувствуваат моќта, милионите на располагање, привилегиите. Тогаш на сцена настапува ароганцијата, бесчувствителноста, немилосрдноста, тогаш ги зграпчува алчноста, лакомоста, анималниот инстинкт за природна селекција на Дарвин-послабите да ги снема, голтнати од политичките волци, какви бестијални ѕверови се тоа.
Има право министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој отприлика вака резигнирано, но одлучно тресна на масата на ТВ Сител и го кажа последниот збор, лут, бесен, револтиран, ние ли од него ќе бараме оставка, не се гледаме ли на што сме спаднале самите, честа е наша, негови се ордените:
“Ехехе, дами и господа драги, бегале од тука многу поважни и поголеми, за кутрата млада Ива Михаилова таквите гадови се Бред Пит, бегалците од претходните власти се величина од тој ранг, засрамете се, стопете се, пропаднете во црната земја, ако воопшто ве прими”.
И тоа сѐ говори за нас, за она што сме и она што никогаш не сме биле. Ниту пак некогаш ќе бидеме. За нас не се великани еден Черчил, Тесла, Вирџинија Вулф, една Светлана Мојсов. Нивните имиња припаѓаат на светот, тука воопшто и не постоеле, затоа и во политичките говори и настапи нема да ги слушнете.
Но, од друга страна, разберете ја логиката на оваа земја, единица мерка за големина и важност кога некого споредуваме не може да бидат нобеловци, тогаш кога криминалот ви е сѐ што пружа државава. Затоа и ни преостанува да го мериме политичкиот, но и криминалниот живот со шесторазреден глумец, кој по денешните светски стандарди на Тик-Ток и Инстаграм плени со убавина на совршен грчки бог, но еднакво шуплив и празен како и светот околу него, еднакво колку што е и нашиот живот.
Така се замислува политиката во оваа земја, согласно капацитетот на оваа држава, што може да се понуди друго воопшто? Се разбира, ништо подобро и нема на овој Бит-пазар од стока- цената е највисока колку повеќе станува збор за црнилото од дно, само тоа дно кое е бескрајна појава тука, само тоа го пали копнежот, но, штета, каква е тоа неверојатна штета.
Затоа што, никогаш нема да го спомне никој расниот талент на еден Беким Фехиу на пример, ниту пак ќе полетаат перја кои се крвави од пресечените вени, жртвувани за едни други времиња, во кои сепак државата беше сериозно сфатена.
Не вреди повеќе да се говори за бегството на младата Ива Михаилова. Нема зошто да се трошат овие букви кои ни ги подреди како срма од филигран еден Блаже Конески. Не сме ние за тука, а не и ни тој сега за нас. Би се преплашил од она што сега го гледа во нас, во што сме се претвориле, ние, неговите наследници. И би се засрамил, секако би потонал од срам, од нас, заради нас, само затоа што никој друг не се срами во оваа земја. А од срамот сѐ почнува. И совеста, и свеста, и животот, и светот. Ако ништо од тоа нема, тој згаснува, сепак, во надеж дека никој нема да го заборави.
