Изолирани и без можност за патување во земјите од ЕУ се македонските граѓани кои не добиле вакцина што ја признава Унијата и единствена можност за влез се ПЦР тестовите. Советот на ЕУ препорача ублажување на ограничувањата за незадолжителните патувања, но само за тие што примиле вакцини одобрени од Европската агенција за лекови, а од СЗО за итни случаи. Олеснувањето вклучува и добра епидемиолошка состојба на земјата.
Всушност, во пракса, секоја земја од ЕУ сама одлучува кои вакцини се прифатливи, наместо да имаат заедничка здравствена политика. Оттука, црвеното светло е за земјите, меѓу кои и Македонија- кои не успеаја да набават доволно западни вакцини – Фајзер, Астра Зенека, Модерна и Џонсон и Џонсон. Достапни кај нас во помала количина се само вакцините на Фајзер и Астра Зенека, од кои Астра Зенека е ограничена само за лица постари од 60 години.
Во 30-тото издание на 25 минути, гости се Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија- Дејвид Гир, Венко Филипче- министер за здравство, Петар Арсовски- политички аналитичар, Бранко Каревски- член на Стопанската комора за туризам и Емил Кирјас од Брисел, Потпретседател на Светска либерална интернационала.