Без разлика дали возењето е ваша професија или возите само кога имате некоја итна работа, правилното држење на телото додека возите е многу важно за вашето здравје, но и за безбедноста на патот. Правилното држење на телото додека возите ги зголемува рефлексите и гарантира оптимално функционирање на безбедносните системи во автомобилот.
Правилна позиција на телото при возење е кога седите исправено и висината на вашите очи е на 8 сантиметри над највисоката точка на управувачот. Исправеното држење на телото го прави возачот пофокусиран на патот и обезбедува широк агол на гледање без потреба од држење на главата во непријатна позиција. Истовремено, инструментите на возилото се така дизајнирани да бидат најлесно видливи кога седите во исправена позиција.
Грбот треба да биде потпрен на седиштето, а телото да го држите под агол од 100 до 110 степени. Седењето под агол од 90 степени брзо ќе ве замори, додека премногу наваленото седиште ќе ви предизвика болки во вратот.
За правилна позиција на возење колената треба да бидат на иста висина со колковите или малку повисоко. Вообичаено, доволно е агол од околу 20 до 30 проценти. Петите треба да допираат на подот без непотребен напор, додека со предниот дел од стапалото треба да се биде на ниво на педалите. Доближете го седиштето така што ќе можете целосно да ги притиснете педалите без да се одвоите од седиштето.
Оставете простор од најмалку 30 сантиметри меѓу управувачот и градниот кош, а рацете треба да бидат свиткани под агол од 120 степени.
Внимавајте да имате простор од минимум два прста меѓу колената и предниот дел од седиштето, бидејќи ако внатрешниот дел од колената го допира седиштето може да предизвика проблем со циркулацијата на крвта.
Приспособете ја висината на потпирачот за глава, така што ќе биде точно на средина на вашиот тил. Тоа е многу важно за поддршка на главата и да ги поштедите вратните мускули од непотребно оптоварување.
Откако ќе ја најдете вашата оптимална позиција на седење, тогаш наместете ги сите ретровизори, така што ќе го следите сообраќајот назад само со движење на очите без многу да ја вртите главата.
Долгото седење во иста положба, без разлика колку е пријатна ќе предизвика замор на телото. Затоа не заборавајте задолжително да правите пауза на секои два часа возење.