Настана одличен пресврт во историјата на оваа земја, но и во светската историја, што секако дека треба да се поздрави, благодарејќи на толкувањата на премиерот Заев за улогата на Бугарија во Втората светска војна.
Како тој вели- мора да се променат досегашните историски неточни податоци- не може фашистичкиот окупатор да биде наречен бугарски, затоа што со тоа се стигматизира цела нација, ве молам, како не разбирате, им се повредуваат чувствата на денешните Бугари, видете ги само процентите, тоа не е во ред, имајте разбирање, сфатете веќе еднаш дека сме пријатели, само така се оди напред во иднината.
Освен тоа, додава тој, и го менува изразот уште построго, за да запамтиме, за да се свестиме- и во Македонија во војната имало фашисти, соработници на окупаторот, немојте да го заборавите тој факт.
Така ни вели Заев, учителот по историја, кому му фали уште само стапче за да удира де по таблата, де по нашите приглупи глави, како единствена можност да ни ги впие тврдата, по малку и заостаната глава, овие суштински, историски факти. Нив ексклузивно ги добиваме сѐ почесто и почесто, сервирани во огромни количества, несовладливи за голтање, невозможни за варење, застануваат во грлото, ни се трупаат, и немаат понатаму каде- се враќаат назад, се слеваат низ устата, низ брадата, течат потоци низ целата земја, се распоредуваат војски, се градат вештачки брани, сѐ ќе стори Заев, само овие наши блујаници да не стигнат до ослободителната земја, милата мајка Бугарија.
Нема граници неговата великодушност да ја разгали сегашната бугарска власт, која, каква иронија, нема ниту влада, ниту пак постои и најмалиот европски сигнал за влез во ЕУ, заради што, разбирливо, ние би сториле сѐ само за да станеме нивна членка, дури и повеќе од тоа.
За да ја омекне и задоволи Бугарија, како и ЕУ, Заев точно знае како дише неговиот народ, какво олеснување- ние би биле подготвени дури и да се истетовираме на челата дека сме Бугари, и тоа од најмизерен можен вид- фашистички окупатори на оваа нивна драга земја, никогаш непрежалена. И како такви сме дури подготвени и да погинеме, бранејќи ја од вистинските ослободители, оние во Бугарија, на кои сме им вечно благодарни што денес сонцето заедно сите нѐ грее, ние сме едно, иако сме тука, но, да не се заборави- ова е нивен дел кој бесрамно им го парчосале и одзеле проклетите фашистички окупатори Черчил, Рузвелт и Сталин. Тоа наше заедничко сонце пеколно грее со векови, сѐ додека правдата не дојде по свое, сѐ додека не добиеме еден фин, критичен мозочен удар, но тоа е најмалата казна што можат да ја добијат фашистичките окупатори како нас, во исто време попознати и како гниди предавнички на партизанска, ослободителна Бугарија.
Така Заев ја преврте светската историја и таа, заедно со него, тресна на теме и се испоскршија тој и историјата на милион парчиња кои никогаш повеќе нема да се залепат, но тој уште тоа не го дознал, за жал.
Можеме, о, да, секој ден да се тетовираме на челото дека ние сме тие што се бугарски фашистички окупатор, најдолните предавнички гниди, можеме дури и да допишеме дека сме колосални, непрокопсани будали, дури можеме и да потпишеме дека го срамиме Заев на бугарската пријателска сцена, дури и сме согласни да додадеме и дека убаво ни прави и ова ни е малку, колку сѐ ние можеме да истрпиме. Дури можеме и да го молиме за уште повеќе понижување, ова е мало количество од она што ние можеме да проголтаме, но, каква штета, ништо од тоа нема да се смени. Заев сепак ќе мора да ги запали сите светски историски архиви, сведоштва, книги и читанки, да ги ископа сите партизански гробови и да ги расфрли сите нивни коски, но, ништо од тоа нема пак да може да се промени. Пак ќе остане оваа земја, ќе останеме ние, благодарејќи на оние што ги дале своите млади животи, за денес сите ние да можеме да дишеме во слобода. А Заев, е, тој, тој слободно може да отиде во Бугарија и да им заблагодари на нивните предци што дошол на власт. Не се сомневам дека ќе го дочекаат со китки росно цвеќе, низ звуците на славните партизански песни, исто како што во Македонија биле дочекувани бугарските ослободители.