За жал, не ја добивме толку очекуваната Влада на спасот, а толку беа блиску да го состават мнозинството, што од минута во минута стануваше сѐ покомично и потрагично, во исто време. Што сѐ не видовме во толку кратко време, она што во останатите земји ниту со векови било можно да се доживее, ниту пак помислиле, најмалку посакале.
Видовме непрегледни кукања и лелекања, за кои не знаеш за кого попрво да ти стане жал- дали за оние од ВМРО или оние од Левица, или пак за албанските опозициски партии, што офкаат дека пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, им исчезнал, дека Заев го киднапирал, а без него мнозинството повеќе не им постои, кутрото тоа недостижно мнозинство.
Драмата продолжи, откако се јави „заложникот“ дека е здрав и жив, фала на прашањето, а политичките великани од Левица веднаш објаснија дека на слепоочницата му е вперен калашников, инаку би трепнал три пати, шифрирано да ни соопшти дека моли за ослободување, кутриот тој.
Во меѓувреме, во Собранието вмаршираа киборзите- корона- пратениците на ВМРО маскирани во скафандери, кои, според Левица се очигледна порака за објавување на биолошка војна и екстремно опасен тероризам, но кој да сфати, секако не интелектуалната затапеност со која се опкружени и принудени да го делат воздухот.
Кога се виде крајот на целата бурлескна пародија од практикување политика, се објави нова драма, нов заплет и расплет во исто време. Неочекувано се појави една елегантна селфи- слика на Мицковски, како што само може да му личи и доликува на еден опозициски лидер кој претендира да стане премиер: легнат полу-гол, опкружен со еднакво расположени замаглени доктори, сестри, анестезиолози, инструментарки, надвиснати над него, да не знаеш за кого попрво да тагуваш. Зрел потег, без дилема, со лидерско чувство за моментот и со порака- време е да ме сожалувате, наместо да ми се потсмевате што направив сѐ што е во моја моќ- за да ме жалите.
Но, да, тоа кутро никогаш несоставено мнозинство допрва ќе дознава- дека во политиката падот никогаш не доаѓа сам, ударите се предвидливи, затоа што првата лекција гласи- очекувајте ги, особено оние ненадејните, особено оние кои наизглед се суптилни, а завршуваат како нокаут, без враќање.
Дотогаш, нешто и ќе се поднаучи, но сепак, сѐ е тоа прашање на капацитетот на играчите, кои можеби ја знаат теоријата, но, неискусни какви што се, неа започнуваат да ја живеат во фантазија, во замислени цели кои како што ќе посакаат да ги допрат, стануваат недофатливи, едноставно, бегаат од нив, им се сронуваат.
Конечно, во политиката, ако сакате да и оддадете почест на демократијата, крупните чекори сепак се остваруваат само со демократски средства, а не со кршење глави на Заев и Шеќеринска и на останатите, како на 27 април, а потоа, мора да се извините за неделата на вашите претходници, со ветување дека тоа зло никогаш нема да се повтори.
Левица се нови во политиката, но и ВМРО-ДПМНЕ не се вековни, праисториски остатоци, имаат уште време да се калат, да паднуваат и стануваат, да се препнуваат и да се лизнуваат на најмалите грешки. ВМРО сепак има некакво искуство, може да им раскаже на Левица како благодетите преку ноќ стануваат проклетство, кои само политиката може да им ги послужи, особено кога ќе го заслужуваат тоа.
Нема дилема- на овие две партии одлично им оди во шаховската игра, во која мислат дека мајсторски ги расфрлаат фигурите и, потоа, каков дебакл, одеднаш стануваат искрено изненадени како тоа не знаат одново да ги состават, онака како што тие замислиле, според сопствените правила и закони. Потоа, ги кршат фигурите, во знак на бес и протест, што не научиле да ги почитуваат сите правила- особено оние на рационално и мудро влечење политички потези.
Во целата приказна за посакувана политичка мудрост, на Заев му преостанува- да престане исклучиво емоционално да гледа на политиката и постојано да дава оставки, за кои веднаш му се соопштува дека се бесмислени, кога се дадени во лош политички момент. Никој не посакува тој вечно да владее, и со тоа тој мора да се помири. Но, тоа е веќе друга приказна, онаа, во која сепак, без емоции ниту една политика не преживува.