Дојде време за наследник на Заев. Она што е неверојатно, но од друга страна, сосема адекватно на покорната политичка култура, е фактот што сите молчат, замрзнати во времето, чекаат некој да ги разбуди, откако сѐ ќе биде веќе готово и решено. Каков парадокс, секако дека Заев не ги замолчил, ниту пак им забранил да покажат трошка амбиција, макар малку желба, веројатно некаков сон да се покаже дека се има капацитет да се води владејачката партија и да се управува со власта.
Со тој гест би покажале дека сакаат да се издвојат од масата, да ја покажат сопствената сила дека знаат, дека се способни, дека мечтаат да ја одведат земјава на вистински колосек.
Да се истакнат од целата партиска потресеност, што Заев решил да замине, да говорат на јавна сцена за своите планови, програми, решенија, пред се за тоа- за решенијата и стратегиите како да се остварат. Конечно, нека кажат дека не сакаат да бидат лидери, но нека дополнат дека тоа не значи дека немаат желба за некакви промени, нека соопштат дека со математичка прецизност веќе ги имаат на хартија, дека ќе ги понудат не само на партијата, туку на целото општество да ги дебатира, нека ги менува, па подоцна применува, најдобро што може.
Нека изгубат, но нека го симнат проклетството на мочуриштето, она на молчењето и стравот од непознатите сеништа, она кое Заев го немаше, откако реши да го наследи Црвенковски, во тоа време со многу лути и способни противници, со малку шанси да се наметне во таа долга листа на многу попознати конкурентни за тронот. Шеќеринска еднакво немаше страв од Бучковски, нималку вкочанетост ниту од поразот.
Знам, знам што ќе речете- дека очигледно е дека Димитар Ковачевски е наследникот, погледнете само како Заев го носи со себе на преговори со Африм Гаши, го подготвува во најтешките времиња за свој мил, веќе одбран наследник. Тој само треба да слуша и да впива, да ги собира како колекционер маневрите и смртоносните салта на Заев- од непостоечки шанси да направи пресврт, да го урне мнозинството на Мицковски, да ја растури играта и да ги намести повторно старите фигури во своја корист.
Но, така не се отсонува ничиј сон, така политиката ретко функционира. Затоа што, можеби Ковачевски е избраниот наследник, најдобриот одбраник од исушеното веќе мочуриште, но, видете и поинаку на целата таа приказна околу наследниците.
Со појавувањето на Ковачевски секако не значи дека сите останати од Заев добиле одлучно вето за нови, можеби подобри идеи и решенија, ниту пак добиле заканувачка најава за доживотна казна, доколку ги отворат очите и посакаат нешто повеќе од тоа што се сега.
Затоа, покажете малку живост, господа од СДСМ, малку повеќе амбиција која ќе ги запали и најтврдокорните, најконзервативните срца, немојте да дозволите предвреме да пресвисне целата операција, не се давајте господа. Така само ќе ви биде почитувана партијата, така само и ќе дадете допринос во демократијата, сѐ е друго залудно да се сака, залудно да се посакува.
Инаку, не му се потсмевајте на Мицковски, ако тој биде единствениот кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту пак тажете за кревката состојба на оваа земја, направете конечно нешто добро, по што ќе бидете запаметени. Тоа нужно не значи дека единственото добро е само во лидерската позиција, секако не, но одважете се и на друг начин да ги смените состојбите во оваа земја, а не само да гледате како се лелека и се отплакува.
Затоа што, пред многу години Заев во битката за тронот не покажа нималку страв од неуспех и пораз, немање храброст, ниту пак издишана сила, дури и да не биде избран, затоа што тоа е многу поважно- да се има амбиција, да се има страст да се сменат нештата. Лидерската позиција не е единственото место каде политиката фукционира, сепак.