Борбата за Гоце Делчев продолжува, а само за наивните и вчерашните во политиката, ова се нови и претешки денови исполнети со нервози и оплакувања над тажните судбини.
Бугарија смета дека Гоце Делчев е нивни револуционер, кој ја ослободувал- како велат- нивната земја пред повеќе од еден век. Таа нивна земја е оваа на која ние живееме денес, но сега веќе не е јасно дали сметаат дека и денес ова е нивна, или наша земја, дали Македонците постојат и денес или се само неосвестени Бугари отсекогаш.
Иако веќе ништо не е јасно, затоа што докрај никогаш не се отвораат овие мрачни желби и пусти фантазии, ако концентирано се задлабочите докрај во овие теории, ќе заклучите дека сè е нивно, без исклучок. Нивни револуционери, нивни просветители и преродбеници, нивна историја, нивни книги, нивен јазик, нивна култура, нивна националност, нивна земја, нивен народ.
Интересно е како само никогаш не стануваат нивни нашиов умор и разочараност, нашиот пркос и гордост, нашата великодушност и подготвеност за компромис, до кој сепак не може да се дојде засега и покрај сите наши напори. Не е нивна ни нашава стара снага, која повеќе не може да слуша и да крепи толку многу историја, толку многу оплакани херои, кои заедно со нас се премориле, толку многу бесмислено прокоцкани децении од животот.
Што ни остана нам, после сè што е нивно? Една заедничка историја, која и навистина е таква, ако ги земете предвид нивните окупации низ војните и записите во светската историја.
Ни остана и една истрошена, подгрбавена од сиромаштија- земја, преморени граѓани од споровите со соседите, опустошена земја од корупција, од грабежи и криминал, раселена младост насекаде низ светот, затоа што повеќе не можела да се бори со некои други деца со партиските книшки- како доказ за квалификуваност, образование и способност. Ни остана и познатата горчина заради неправдите на Европа, е, да, и онаа стара наивност на веќе остарените будали дека светската политика мора да се води од правда, чест и чесност, ете, само тоа ни остана.
Дојдовме до точка во која духот се покажа како најдобрата, најисплатливата причина да се преживее, а тоа се новите шеги на старите пријатели- ако ги објавувате имињата на луѓето во ковид изолација, тогаш објавете ги со име и презиме и оние кои го пуштија на слобода Груевски во Будимпешта; како и оние двајцана во Грција; имињата на припадниците на филигрантски разработената мрежа која доделувала пасоши на најпознатите нарко и други светски мафијашки босови. Објавете ги со име и презиме и луѓето од сите институции кои дозволиле малата Ембла ѕверски да биде исфрлена од училиштето, затоа што била различна, наместо тоа да се третира како скапоцено богатство. Исфрлена од овој свет кој им припаѓа само на насилниците и суровите, ете, само тоа ни остана.
Сега, после борбата на родителите и гласот на граѓаните, сега, кога убавото девојче Ембла е вратено во школо, може да се согласиме- ако борбата и гласот е сè што ни останало, не смееме да бидеме незадоволни. Тоа е најдобриот почеток за кој вреди да се направи напор, зашто само така можеме да добиеме земја- за сите нас.