Читам и слушам дека некои луѓе во оваа мала и жалосна земја, некои мали, ситни злокобни луѓе навиваат и се радуваат на руската инвазија и крвопролевањето во Украина. Читам и слушам дека некои тука немаат трошка емпатија, солидарност, свест за ужасните денови кои ги поминуваат луѓето во таа земја, како и за лудоста и теророт на деспотот Путин.
И додека тие луѓе ги читам и слушам, засрамено и луто, руско-американскиот новинар Маша Гесен пишува како некоја нивна пријателка, некаде во Москва, не може да дише додека го слуша разулавениот говор на Путин по прогласувањето на двете источни области на Украина како независни држави, како Украина нема историја на легитимна државност.
Додека нормалниот свет во Русија не може да живее и дише од Путин, срамот е огромен од некои луѓе во оваа земја кои навиваат за војна и терор, кои се воени хушкачи, опасни провокатори и поддржувачи на ова лудило на новиот Хитлер на нашето доба.
Закопани сме сега во сведоштвата на луѓето од Киев- едно писмо на жена која побегнала, говори дека таа е засрамена што го напуштила градот. Сè било нормално пред некој ден. Луѓето се смееле, седеле упорно надвор во кафичите и рестораните, за да фатат барем мал сончев зрак, децата трчкале додека оделе во училиште, се слушала нивната смеа низ киевските улици, одѕвонувала. И одеднаш, убавите денови замреа.
Така пишуваат и оние кои побегнале, и оние кои се засолниле во скривниците, и оние кои решиле да останат во становите додека се слушаат во близина експлозии. Гордите Украинци, Киевчани, кои беа подготвени до смрт да протестираат на Мајдан. Како вели Зеленски на понудата на САД да биде евакуиран од Киев-„Ми треба муниција, не ми треба превоз“.
Сега чекаат помош од Запад, од земјите кои сега мораат да покажат дека се вистински сојузници на Украина. Од земјите кои се уште размислуваат, калкулираат, пресметуваат дали треба да се наметнат силни, жестоки санкции врз Путин и Русија. Францускиот министер за финансии говори дека последната опција е исклучување на Русија од глобалниот финансиски систем на плаќање Свифт. Стравот за влијанието на конфликтот врз економската и светска економија, стравувањата на земјите кои се зависни од набавката на руски енергенси, конечно преплашеноста за нарушување на сопствената удобност е поголем од солидарноста и сојузништвото.
Сега читам дека Путин добил шлаканица од Казахстан, барал и оваа земја да тргне во инвазија на Украина, дека оваа поранешна советска република брутално го одбила, претходно објавувајќи дека не ги признава новите независни држави Доњецк и Луганск, со кои и формално го започна нападот врз Украина. На Путин му свртеа грб и неговите поранешни подрржувачи- Орбан, Марин Ле Пен, Ерик Земур, Матео Салвини.
Затоа, сега е вистинското време да се биде дел од отпорот на Украина, дел од подадената рака на пријателите во таа земја. Да се биде на вистинската страна на историјата, тоа барем е наша задача и обврска, наш долг кон предците, благодарејќи на нив денес слободно живееме и дишеме. Тоа не можат да го сторат оние горди луѓе на Украина, ниту оние слободоумни луѓе во Русија. Но, ако тие страдаат, светот доаѓа до точка дека сè помалку недостасува воздух, дека сè помалку може и тој да земе здив. Мора да им даде од својот кислород, да се подели малку, за да се избават сите. Така функционира таа цивилизациска свест, инаку целиот свет ќе замре.