Секогаш ми е драго кога ќе видам значаен министер, висок функционер, голем директор, поситен шеф и најситно, како нокте олцкаво шефче, како го возат и развозуваат во службена кола.
Го чекаат прво пред домот, тупкаат шоферите со прсти по хаубата, ја загреваат колата додека чекаат, чекаат, бескрајно тие чекаат да се појави тој. Значајниот министер, високиот функционер, големиот директор, поситниот шеф и најситното, како нокте олцкавото шефче. Чекаме и сите ние, конечно, да излезе тој, од својот дом, чекаме распослани како црвен тепих, да нè догази, додека чекори ситно, полека, секое ковче да ни го докрши, да не остане нешто неизгазено од понизноста.
Конечно, се појавува тој. Важниот тој, шефиште, директориште, министериште. Истрчува задишано шоферот, и тој не останува покусо. Нè дотолчува со вратата додека офкаме спружени сите ние, влегува со отсечни, како сабја чекори, специјално направени, скроени остри, како што мора да прилега на крупната служба. Ја треска вратата, доволно силно да нè ѕвекне, да нè докрајчи. Само облак од прашина останува, да нè замачка до непропознатливост.
Драго ни е сепак, што секој драгоцен денар оди во таа важна служба, кај уште поважниот, господар наш на парите кои ни ги зема уредно тој, за данок за големата кола, за ситниот шофер, за нас уредно распосланите таму.
Тој не може да оди пешки, грми неговиот помошник, задолжен за залепување шамари ако некој праша, се побуни, протестира. Тој брза, нема време, се грижи за сите вас.
Тој не може да оди со неговите нозе, или со нозете на точак, или со нозете на столче во некој автобус. Ниту смее нозете да бидат исправени додека стои, со рацете да се придржува на некоја шипка во автобус. Не смее да ги придвижува скапоцените нозе низ улиците. Поскапи од најголемиот Меси, тие се национално богатство. Тие се вашиот бифтек од 180 денари во мензата во Владата. Инаку, би ги јадел корењата кои ги има на вашето мени. Тогаш нозете би попуштиле, би се стопиле, би атрофирале. Би станале како вашите.
А земја што не се грижи за нозете на своите функционери, нема никаква иднина.