Најважната вест оваа недела не се револуционерни научни откритија во земјава, од кои светот ќе стане побогат, повеличенствен, поголем, не, ништо од тоа.
Не е дека не сме способни или иновативни, но не, тука, оваа недела во Македонија се уште не е измислена нова вакцина, не сме доживеале неделава најново научно достигнување во медицината, или барем за спас на економијата, или пак можеби енергетиката, нема иновации за производство на струја, ниту за спасување на животната средина. Барем да се измислеше научна формула како да се исчисти ѓубрето во кое сме потонати низ скопските улици. Не, ништо од тоа.
Сепак, иако ова е земја со вести кои секојдневно ја вознемируваат јавноста, оваа недела честа припадна на фактот што, еурека, ова е најнеочекуваната вест, во земјава сме имале возови. Револуционерно откритие кое досега љубоморно се чувало низ политичките фиоки, низ децениите. Додека во светот одамна се лансираат ракети, се прават туристички патувања низ Вселената, се смислуваат планови како да се населат планетите, конечно, ништо невообичаено- некои земји одамна стапнале на Месечината. Македонците оваа недела стапнале во воз, кој сообраќал од Скопје до Велес и таа вест вреди да се одбележи со специјална владина седница, на која ќе заседаваат сите сегашни и поранешни министри и премиери. Во меѓувреме, сите македонски плоштади ќе организираат радосно бдеење со огномети, со специјална програма- циркуски точки на министрите, за да докажат дека постојат.
Ако со автомобил се стигнува за половина час, веројатно толку, помалку или повеќе, би требало да е потребно и за воз.
Но, овој вечерен воз, повторувам, од Скопје до Велес, не можел да стигне до крајната станица, затоа што се расипал некаков блок апарат. Не работеле со денови ниту сигуроносните рампи на железничките премини на три патни премини во центарот на Велес. Луѓето по мрак газеле низ пругата за да стигнат дома.
Не знаеме веќе колку министри за транспорт сме имале низ деценииве. Она што е утеха, е што и самите не се сеќаваат ни сега, денес да ги прашате што работат, би биле пријатно изненадени од самите себе, веројатно и шокирани, со што заслужиле навистина да добијат министерска позиција. Јас, министер? Првпат слушам, мора да се шалите. Она што е повторно за нивна утеха, е фактот што ниту пак знаеле и биле свесни и тогаш, кога ја имале функцијата, дека воопшто ја поседуваат. Јас, министер? Првпат слушам, мора да се шалите.
Никој повеќе во оваа држава не се сеќава на корупцијата низ децениите, само слатко можат да се изнасмејат ако слушнат дека некои министри во други земји даваат оставки за бизарни постапки- купено најобично чоколадо со службена банкарска картичка, или најобични памперс пелени кои и не биле позлатени, за да ги чуваат во иднина, длабоко скриени во некој добро заштитен сеф во Швајцарија.
Македонските политичари се планетарно познати по иновативни решенија, визионерски погледи на светот. Ова е мој скромен придонес до нив, да размисли оваа Влада како да се надмине проблемот со возовите, тролејбусите, трамваите во земјава, кои, за среќа не постојат. Доколку организираат лансирање на граѓаните до други населби, но и градови преку рингишпили, организирани со добро организирана циркуска турнеја, следните Нобелови награди во буквално сите области, се гарантирани за нив.
Особено онаа за мир, затоа што, конечно ќе можат мирно да спијат, откако ги решиле сите проблеми во земјава. Има само еден проблем, што ќе прават добога, кога циркусот ќе објави дека си оди од нашиот убав, мал град?