Тешко е да се биде нобеловец во оваа држава. Така заврши и приказната на уважениот гостин, славен и напаѓан економист, но и интригантен колумнист на „Њујорк Тајмс“ Пол Кругман. Тој, опишувајќи ги своите патувачки епопеии додека патувал неделава до Охрид, објасни сè за оваа земја во неколку зборови: „Треба да поработите на патиштата“.
Но, она што е далеку поинтересно е и неговиот одговор на прашањето -кои реформи се потребни на Македонија за да се постигне одржлив раст, одговорил дека не знае доволно за економијата на земјава, но она што е очигледно е дека е важна логистиката, инфраструктурата, мислејќи повторно на патиштата.
Ако на страна ги тргнете патиштата, таа стара болка и вечно свежа рана, ви останува како удар одговорот на Кругман- „Не знам доволно за економијата на земјава“.
Се разбира дека не може сè да знае, но зошто никој од оваа држава не се потрудил да дознае барем нешто Кругман пред да дојде?
Ако претседателот Пендаровски го одликувал Кругман со Орден за заслуги за Македонија, претпоставувам дека Владата се надевала дека има логика само Пендаровски да чул за нобеловецот, и никој друг. Во себе се молеле дека тој, Пендаровски, отсекогаш го чувал во тајност нобеловецот од јавноста во Македонија, за никогаш да не сме можеле да прочитаме, ниту дознаеме за него. Ниту пак Кругман за нив и нивната економија.
Значи, како да се натера јавноста да поверува во невиноста на Владата дека еден нобеловец по економија нема појма за економијата на земјата во која доаѓа? Едноставно- тивко ја рецитирале Библијата во себе да се оствари нивната фантазија дека никој нема блага претстава кој навистина е Кругман и затоа се надевале на овие сценарија, ако некој нешто ги праша токму за тоа- зошто досега не сте го запознале и не сте му понудиле некаква соработка?
Владата како одговор на ова прашање, се надевала дека можно е единствено да ги понуди следниве одговори на надеж дека некој ќе им поверува дека се случил неочекуван преврат: Дека Пендаровски многу перфидно ја заробил јавноста со сознанието дека воопшто постои овој човек, дека не е дух, ниту мит, ниту лик од бајките; дека љубоморно ги криел податоците дека Кругман е нобеловец; претседателот со децении нè држел во мрак дека овој ист Кругман заради економски и научни откритија ја добил оваа награда; дополнително, нашиов претседател ги цензурирал информациите дека постои весник „Њујорк тајмс“, кој може целиот свет да го чита; токму заради тоа, никој не смеел да дознае дека овој весник, но и на интернет објавува колумни на Кругман; повторно Пендаровски ја земал правдата во свои раце- со години праќал специјален одред низ домовите на граѓаните во оваа земја, да го исклучуваат интернетот кога ќе светне на екраните на компјутерите името на Кругман; неговите службеници запленувале мобилни телефони под сомнение дека на нив се бара името на Кругман.
Само така ќе можат властите во оваа земја да објаснат зошто Кругман не знаел ништо за економијата на земјава, нема друг начин, за жал. И зошто Владата не му понудила на нобеловецот рака за соработка, а ако ги одбил, зошто не ја информирале јавноста- дека сториле сè што е во нивна моќ да ја спасат економијата на оваа земја, да ги спасат граѓаните од пропаст, дека бараат совети од врвни светски експерти, нобеловци, најдобрите стручњаци во областа на економијата. Веројатно Пендаровски и во тоа ги спречил- да дознаат кои се овие луѓе кои единствено може да ни помогнат во ова економско, ценовно, енергетско дно.
Систематски, со години, со децении, овој наш претседател уништува сè како документ, податок, архива, информација, дека постојат сериозни економски стручњаци во светот, кои можат барем малку да ни помогнат, за нашиве власти да мислат дека се сами на светот, и како такви ни се нудат со сиот свој ум- најдобри, најквалификувани, најголеми. Нема друго објаснување, господа.