Дали утешна награда за Македонија наместо ЕУ се Отворен Балкан и новата европска политичка заедница?
Француското претседавање со ЕУ не донесе ништо ново. Бугарското вето остана и покрај заложбите на Макрон да ги седне на заедничка маса премиерот Ковачевски и претседателот Румен Радев. Повеќе од очигледни се политичките и економските групирања на земјите од Западен Балкан како замена за блокираните евроинтегративни процеси.
Колку земјите од регионот може да се европеизираат, но и дали Отворен Балкан станува алтернатива на ЕУ додека економската, енергетската криза и безбедносните случувања во Украина ги загрижуваат граѓаните, се дилемите кои се актуелни периодов во јавноста.
Западен Балкан повторно е во фокусот на европската и светската дипломатија. Овој пат состојбата е поинаква, за разлика од минатото кога вниманието беше насочено кон решавање на конфликтит, внатрешните политички нестабилности и проблеми во регионот.
Подзаборавени од ЕУ, лидерите од регионот во Охрид седнаа на заедничка маса и договараа соработки од полето на културата и туризмот, енергетиката, справувањето со корупцијата и борбата против даночно затајување.
Гости во 25 минути оваа недела се Малинка Ристевска-Јорданова, Институт за европска политика, Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи и Јелена Радуловиќ од Стопанска комора на Србија.