Односите со Бугарија влегуваат веќе во патетична фаза, со најновото доаѓање на нивната потпретседателка Илиана Јотова во Битола, за да се молела на гробиштата во Цапари, за душите на загинатите бугарски војници. Има ли некој при здрава свест и разум да објасни- што е со душите на живите Бугари и Македонци, може ли да почнеме најпрво со нас, за да дојдеме до точката на страдалниците и мртвите. Има и поинакви луѓе во таа Бугарија, зарем ни е далечна со векови и километри полни со пустош, за да не знаеме дека можат да одлучат да ни бидат и блиски.
Има и таму луѓе што сакаат да престанат лелекањата и кукањата, жедта за провокации, што говорат низ годиниве дека мора да се случи светло и да би светло навистина. Има луѓе, ако може да нема, со кои ќе се започне нормална комуникација, најпрво добар ден, како сте, со жив интерес, навистина како сте комшии? Како тоа можело во Манифестот на Крушевската република да се говори за мили комшии, како тоа пред векови функционирала и некаква милост, и благост, и добрина, и мекост, и топлина и човечност. Како сето тоа се испушти од раце, како да е песок ситен и невидлив, па се провлече низ прстите да и отиде по ѓаволите, ајде мили комшии помагајте, кажете сега вие како сето тоа се случи. Како би рекол Едгар Алан По: ”Годините на љубов се забораваат, на една минута омраза”.
Како не се решија миливе комшии да се погледневме сите заедно во исто време, и да се гледаме во бескај, додека некој не попушти и не одлучи да се напуштат засекогаш рововите, од каде излегуваат испрашени, калосани, брадосани и избезумени.
Нема што повеќе многу да се кажува, да се пишува и да се зборува. Има многу да се кажува, да се пишува и зборува. Кој пат од овие два да се одбере и да се пресече- тоа е прашањето кое ќе мора властите во двете земји да го решат и разрешат. Храброст, господа политичари, среќата ги прати само храбрите. И светот нема да преживее ако тие не се и космополити.