Ова би било најдобро да биде колумна од само неколку реда. Сè друго понатаму изгледа бесмислено. Да ѝ докажеме на Бугарија, на нивните политичари, да им објасниме на нашите, македонските политичари, тие нам, ние ним- тоа е единственото што се прави во последниве години. Барем навистина да се знае како да се направи и каде од таа изгубена точка може да се отиде. Освен во безизлез, вечни комшии, мили пријатели и познаници.
Станува премногу заморно, веќе сме истрошени од истите објаснувања, молби, преколнувања да се престане еднаш засекогаш. Истиот кутар, во реалноста измасакриран цитат на Гоце Делчев за „културниот натпревар меѓу народите“ го преџвакуваме и повторуваме со децении. Никој не го слуша, не го чита, не го интересира навистина, освен нашиот, нивниот фанатизам, опсесија која одамна е потпишана како тешка, неизлечива дијагноза.
Затоа, време е да промениме нешто, барем да се обидеме. Да си ветиме денеска, кога се чевствува раѓањето на Гоце Делчев, 151 година, дека ќе мора да свртиме нова страница. Да започнеме да мислиме пред сè на живите.
Мртвите одамна кренале раце од нас, но, живите, е, живите, не се сеќаваат од кога проплакале и не престанале. Веројатно знаеме за подобро, нешто подобро сите да покажеме, зошто вака повеќе не оди. Тешко на таа иднина, со тврдиве глави закопани во минатото. Се претера.
Сполајви.