Кого го интересира навистина македонскиот идентитет? Во хрватскиот весник „Јутарњи лист“ прочитав дека после повеќе од 40 години е објавена нова антологија на современата македонска поезија, насловена како „Пронајден збор“ на Борислав Павловски.
За Хрватите ова е важна вест, дури и насловот има значење, како е примена и како се доживува македонската култура и воопшто, Македонија. „Да видам Охрид, Струга да видам“ е тој наслов на текстот, каде се слават најважните македонски поети.
Ниту за нив, ниту за поезијата можете да прочитате во македонските медиуми, барем не на насловните страници, барем не во првите вести на телевизите.
Нашата култура, што всушност подразбира идентитет во кој сите се колнеме, е длабоко закопана во нашите библиотеки за никогаш да не биде пронајдена. Тие, библиотеките и архивите се изгубени во прашините, мувлата, под клуч некаде заборавени, онаму каде се фрлени сите клучеви, а бравите и клучалките се рѓосани и одамна прогласени за неупотребливи.
Затоа и не ги знаеме или воопшто не не интересираат некакви млади поети, кои се спомнуваат во овој хрватски текст- Владимир Мартиновски, Исток Улчар, какви се тие здодевни теми и непознати имиња? Што имаме ние од нив?
Во Македонија се најважни сосема други теми- имињата на секој можен политичар, макар и најмаргиналниот, етничката припадност, имињата на жителите на Слупчане и нивните спасители- да не ги платат сметките на ЕВН. Бугарското вето, францускиот предлог, македонскиот идентитет кој во суштина не ни разбираме што навистина значи. Во оваа земја тоа се единствените вести прогласени од животна важност. Затоа и ниту Охрид навистина ќе го видиме, уште помалку Струга.