Да, да, сепак сме криви ние, пред сè. Криви сме што дозволивме пред наши очи да се распаѓа сè што нам ни припаѓа. Ги оплакуваме луѓето во тетовската болница, жртвите во Ласкарци, жртвите во автобусот на Беса транс. Сепак, криви сме, што не бевме доволно силни навреме да се избориме за животот, наместо кога беше предоцна, да сведочиме немо за смртта. Крикот на фамилиите на сите жртви беше доволно силен да нè разбуди за да не застанеме со барање на правдата, да не престанеме додека не дојдат казните.
Криви сме и тогаш кога работеа и сè уште не шамараат по глава исклучиво партиските книшки- за да се определи кој ќе преживее, а кој ќе изгори. Нема казни за моќниците, затоа што единствената сила во оваа земја се партиските пресуди, партиските вработувања, партискиот леб, партискиот живот. На сите други им припаѓа фино подготвена бездна, за да не бидат видени, чуени, да не се говори за нив, како да ги нема, ниту пак ги имало.
На време требаше да ја диктираме правдата, да не си заминуваме од обвинителствата и судовите, тогаш кога се случуваа и најмалите неправди. Да застанеме зад понижените, угнетените, оболените и од најситните постапки на моќниците. Тогаш кога дојдоа големите удари од неправдата, тогаш за нас веќе беше доцна.
Да, да, криви сме, иако не молчевме, но премногу беше гласен распадот кој ни го приредуваше другата страна. Криви сме што им дозволивме на моќните повеќе во себе да се јадосуваме, отколку што можевме да им покажеме дека сме побројни, солидарни- и со тоа посилни.
Криви сме што го кревавме гласот, но недоволно силно, сепак. Криви сме што кога говоревме и протестиравме, ударот во градите кон другата страна беше како мушичка која ги допрела и сама се покосила.
Уставните измени нема да ја донесат правдата, ниту пак ќе ги искинат партиските книшки, ниту ќе ги казнат сите виновници за жртвите во тетовската болница, Ласкарци, Беса Транс. Уставните измени нема да донесат вистински реформи во обвинителството, судството, во правосудниот систем. Не, не можат да донесат ниту гаранции за крај на нови бугарски вета. Единствено што може да донесат е земја овојпат водена од ЕУ. Власта, која и да е, одамна требаше да биде водена за рака, затоа што досега покажуваше дека се однесува како изгубен слепец за сите, освен за сопствениот интерес. Да се води од ЕУ чекор по чекор, буква по буква кон сите промени, пред нивните очи да се кинат партиските книшки, за да се заборави на сите неправди и неволји кои нè доведоа дотука.
Дотогаш, само ни останува да лелекаме дека криви сме ние. А тоа никогаш не било решение, најмалку за луѓе кои навистина немаат никаква вина.