Борбата за да се пее македонска, но и албанска химна по школите е најголемиот успех, воопшто остварен по независноста на земјава.
Затоа што, најважно од се е да се јакне патриотизмот меѓу децата, ако не може веќе на партиско и државно ниво. Во услови кога имате корупција, непотизам, измамништво- да го цитирам холандскиот амбасадор, што ви преостанува друго, освен да славите таква држава?
Како ќе ги научите децата да си ја сакаат сопствената држава? Ќе им пуштате химна секојдневно, ќе ги убедувате и воспитувате дека тоа е вистинскиот патриотизам и ќе владеете вечно.
Додека ги терате децата и граѓаните да пејат химни и да се караат- дали македонската е поважна од албанската и обратно, вие ќе го користите тоа време за корупција, непотизам и измамништво, неказнивост, невладеење на правото. Затоа што, тоа е вистинскиот патриотизам. Децата-химна, власта-корупција. Идеална организација на функционална држава.
Додека граѓаните ги хушкате- дали бил поважен некој македонски револуционер од некој друг, албански, вие сте на вистинскиот пат. Додека тие се караат, надвикуваат, додека навистина не се замразат и не се разделат засекогаш, вие сте ја оствариле целта. Сте ја усовршиле корупцијата, непотизмот и измамништвото, сте ги смениле законите за да не можете да одговарате за сите овие дела и мирно продолжувате со патриотските подвизи. Застанувате пред нив, ја интонирате химната за да докажете дека патриотизмот е единственото нешто за што живеете.
Така се гради држава, драги Македонци, драги Албанци, мили комшии, пријатели и познајници. Ура! За Афтономна Македонија!