Убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски го покажаа во вистинска слика трулежот на ова општество низ децениите. Како еден осомничен, како Љупчо Палевски-Палчо бил растен, развиван, негуван, одржуван од сите власти, без исклучок. Како им бил потребен на сите, тогаш кога отпадниците го креираат политичкиот живот, но не само него. Туку самиот живот.
Да ја погледнеме целосната слика за миг. Како од властите, од партиите зависиме целосно, без да помине ниту еден ден, ние сме изгубени без нивната поддршка, помош, учество. Нашиот живот зависи од нив.
Се започнува со нашето раѓање на овој свет. Се додека не се збогуваме од овој свет. За да се родиме, за да прогледаме, зависи дали ќе паднеме во рацете на најдобрите. Врските, конекциите, познанствата, партиските именувања на директори во образованието, во здравството, во судството и правосудството, насекаде.
За да се запишеме во градинка, во училиште, за да ги поминеме школските години, матурските, за да ни ги дадат тестовите, за да ни ги поправат оценките. За да објават оглас за вработување, за да ги соопштат нашите желби, за да го нацртаат нашиот профил, за да го добиеме работното место. За да ги прескокнеме сите професионални скалила, за да напредуваме во кариерата, за да земаме плата без да одиме на работа, за неработење, за неквалификуваност, за неспособност. Партиите запишуваат ако сме во нивните прегратки, партиите отпишуваат ако ја немаме нивната милост.
Се до крајот на овој наш мизерен живот ние сме во нивното врзовно ткиво, слепени, зависни, потчинети. Зависни од нив и од нашата согласност да бидеме нивни заробеници, во доброволна ропска услуга.
Е, да, зависиме од нив до последниот здив. Дури и за да го добиеме подоброто, ако не може веќе најдоброто гробно место.
Никој не сака да се спротивстави на ваквиот паразитски живот, најмалку да го одбие. Никој не сака ниту да се препознае во сопствениот партиски живот, никој не сака да признае дека политиката го диригира и надгледува секој негов чекор. Дека сме му го подариле сопствениот живот, дека доброволно сме си закачиле конци низ телото, за да управуваат со нас како марионети.
Тоа сме ние, во тоа ја претворивме нашата земја. Си одиме, заминуваме од државава затоа што не можеме повеќе да издржиме. Тогаш кога ќе престане да се молчи, тогаш кога нема да стравуваме, тогаш ќе престанеме да се плашиме, кога ќе проговориме, тогаш ќе започне вистинскиот живот.
Ќе требаат години, децении, векови. Онака како што било неопходно време во оние земји во кои сега бегаме, само да бидеме подалеку од оваа. Но, тоа е единствениот излез, спасот. Од нас зависи. Ако не сакаме да се жртвуваме, да се бориме и да не отстапуваме, онака како што тоа се правело низ историјата на тие други земји за кои сонуваме, нема да прогледаме. Нема да успееме.