Овие избори се почетокот на крајот на светот. Или подобро, прашање на живот или смрт.
Токму така ги доживуваат политичките „великани“, преплашени, притиснати од неизвесноста- дали ги чека ужасна политичка судбина, дали се овие оние денови, последните. Денови како мраморни плочи кои ги притискаат, подготвени од тајните и јавни непријатели, за да го разубават копањето на нивната политичка гробница, но што ако дури ни споменик нема да добијат? Што ако бидат фрлени и затрупани во сеќавањата? Или можеби ги чека балсамирање и јавно прикажување, да се запамти таа историска лекција, сега така размислуваат во самотијата. Токму од неа стравуваат, дека им претстои многу брзо, за некоја недела, месец најмногу, ужасот им чука на прозорец. Самотијата, осаменоста, заборавот, тој најмногу ги боли завршените, оние на кои сме им свртеле грб, на чие име дури и магловито не се сеќаваме.
Стравот ги нагризува дека ќе завршат како распарана, употребена долна облека, изгризана од рој на молци, кои се недофатливи. Притисокот е се поголем, алармот им клука во глава- прашање е на време кога ќе потонат засекогаш, или ќе исчезнат како никогаш да не биле.
Колку и да се потсмеваат и да не се осврнуваат на уредно врачените сведителства за криминал и корупција од САД, сепак се плашат, потајно, во кошмарите- дека многу е можно да завршат на тажните црни листи на САД. Можеби за нив, за институциите овие мрачни листи никогаш и не вределе, можеби се однесуваат дека ниту пак воопшто постоеле, но господо драга, да не се залажуваме- ги нагризува црвот кој ги облазува со години, некои од нив и со децении.
Оваа шаховска табла на која секојдневно ги растураат и распрчкуваат фигурите, знаат дека сосема не е од нив наредена. Кругот е мал, а во него сме сите. Дури и наивните и невините граѓани, разочарани, побегнати во некои други земји, распрскани насекаде. Сите ние сме во тој круг во кои се и нашиве драги политичари, ужаснати што ќе донесат овие избори. Можеби со потсмев сега гледаат на гласачите, на луѓето кои во својот крпен живот немаат никаква моќ, но еднаш, а тој ден секогаш доаѓа, политичарите сфакаат дека сето тоа било привид. Моќта на малиот човек е најголемиот камен кој, какво изненадување, сепак од блиску доаѓа.