Времето тече, ништо не се менува. Последното соопштение од Кабинетот на претседателката Сиљановска говори за нејзина средба со децата бегалци од Егејска Македонија. После веќе се е очекувано- грчката страна повторно остро протестира, барајќи да се активира црната листа на САД, за сите оние што го прекршуваат Преспанскиот договор.
На сите ни е жал за грчките нервози, но фактите се секогаш на наша страна, историски гледано.
Македонија била отсекогаш делена и парчена, окупирана и запоседнувана, но вистината е дека низ сите векови, илјадници години наназад, милиони во иднина, и тогаш и сега се е наше и засекогаш ќе остане. Целата територија на Македонија, до каде што патувал, освојувал и заземал Александар Македонски, сето тоа е запишано во нашиот генетски код, низ византиските тапии, низ пожолтените мапи, низ амебите кои се делеле и парчеле, за да се создадат првите живи суштества.
Не постои една песна македонска, во која не е испеана болката за загубените територии, за александриските библиотеки изгорени, со крв и пот изградени пирамиди, океаните и ѕвезденото небо, сето тоа е царството наше македонско, никогаш непрежалено.
Ако има правда, тоа треба да се признае, да се запечати во списите и да се спакуваат во шишиња, нека отпловат со вселенските бродови на Илон Маск, да се испратат во вечноста, кога ќе се освојуваат останатите планети, да се дознае дури и до таму. Дека се е наше, како што веќе и подвлекол многупати почитуваниот Панта Реи. Кога фантазираме за никогаш изгубените сништа на „парчетеја, делетеја, цела даје“, можеме да одиме докрај, да завршиме на Хашкиот суд за човекови права, чесно и праведно. Да ги повикаме за сведоци наследниците на почитуваниот господин Реи, за изворно да пренесат што било кажано во негово време, тогаш, кога никој немал претстава во што ќе се претвори оваа прекрасна држава, која граници нема.