Амбасадорите се мешаат во внатрешните работи на Македонија- тоа е изјава на новиот премиер Мицкоски, мислејќи токму на амбасадорите на САД и ЕУ, по нивниот став дека распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители е мешање во судската власт. Колку правилна логика има Мицкоски, неверојатно резонирање.
Ние Македонците како што е познато, не сме изгубени во сопствената дупка која си ја копаме и си легнуваме секој ден, презадоволни од нејзиното постоење, затоа што ќе се случеше ако друг не закопуваше. Затоа што, кога амбасадорите и земјите кои ги претставуваат тие, не даваат, туку истураат стотици милиони евра и долари во земјава, за болници, школи, патишта, едуцирање на судството, политичарите, медиумите, итн., тогаш тоа не е мешање во внатрешните работи. Се разбира- тоа е нивна обврска, задача, должноста не прашува во такви моменти. Треба чест да им биде да ни го финансираа животот, буквално постоењето. Тоа сме ние, зарем не знае Мицкоски, зарем верува дека нешто се сменило откако тие победија. Истите сме, дали сме овие луѓе поразлични од вчера. Распаднати насекаде, мувлосани, пропаднати, заробени во незнаење, некадарност, некомпетентност, неспособност. Преполни со ароганција, од која може и да се експлодира, сме се надуле како балони, така и одиме, едвај се движиме додека не полетаме за да го распараме небото, кое не се додржува од нас. Од нашата шупливост, празнотија, со која сме самите опкружени, во немаштија и сивило, расфрлено ѓубре насекаде, кое одамна престана да ни пречи, додека не облазуваат муви и се раскомотиле бубашвабите, кои ни протрчуваат и запоседнуваат животот. Ако не ми веруваат, нека го посетат моето мало паркче, позади Буњаковец. Тоа е онаму каде што мојот комшија, мајсторот шнајдер Зеко ги дочекува своите муштерии со господско добредојде од срце, иако е засрамен, затоа и ги испраќа со јад во срцето, што мора да поминат повторно низ тоа мало квадратче зеленило, кое отежнало од ѓубриштата кои се раскотиле насекаде. Така и ни проаѓа животот, ако побараме од градоначалниците да се расчисти и зачисти целиот тој наш поминат живот затрупан со ѓубришта, тие надмено ни појаснуваат дека им се мешаме во нивната служба, тоа се сепак нивни внатрешни работи, а не наши, добога.
Но, кога ги собираат даноците од нашите пари, тогаш стануваат сурови и студени сметководители како во филмовите на Копола, со замижани глувчешки очи, го грабнуваат пленот со испотените прстиња и ни ја треснуваат портата, иако во неа влегле благодарејќи на тоа што ние сме им ја отвориле на почетокот.
Одете си дома Агелер и Гир, секако дека тоа не е пораката од Мицкоски. Затоа што, пред не многу години, го имавме Груевски, со слични изјави по кои следуваше тажен, горчлив пресврт. Тоа е нашиот живот- Денот на мрмотот.