Граѓаните на Македонија се рангирани на второ место меѓу европските нации во Глобален извештај за емоции на „Галуп“, кој покажува колкав гнев или бес чувствува населението во земјата- на дневна основа. Први на листата на бес се нашите стари, вековни пријатели- Турците, кои за оние пет века ни ја оформиле политичката култура.
Важно е да се знаат корените на тој гнев и бес, но тие важни детали не се споменуваат, веројатно за да не ги вознемират властите.
О, да, секако дека причините се поврзани со очајот на секојдневицата, онаа која ја произведуваат властите, како по калап, низ децении. Во исто време, граѓаните доброволно се согласуваат на партиското вазалство, дури и го унапредуваат и поттикнуваат да се расцветува, за да не може ни тревка зелена да пркне. Како во филмовите на Стенли Кјубрик, се зависи од партиската чизма која штанца како на фабричка лента- раѓање, образование, вработувања, пензија, исповед пред партискиот поп, пред да не закопаат во истата дупка во која се фрлаат употребените, сега веќе бескорисни пропаднати тела на партиската војска.
Сега со оваа власт е многу важно да се туфка, кука и лелека, да се анализира, за да има зошто да се ламентира- како се упропастила претходната власт, но никако да се признае дека таа само докрајчи од она што малку остана од онаа пред неа.
Веројатно дефиниција за светот кој го создава новата власт е изјавата на новата министерка за образование, Весна Јаневска: Младите нема да имаат учебници по странски јазици, но нема проблем, и онака јазиците ги учат од серии. Во историјата на оваа земја памтиме многу несмасни, несериозни, комични, трагични и безобразни изјави на политичарите. Но, не се сеќавам дека некој се извинил за лошо срочена изјава, како што тоа го стори Јаневска.
Сега откако се одушевивме од оваа власт, може да почнат нешто и да работат. За бесот и гневот да се намали кај луѓето кои ги гласаа нивните херои, кои не почувствувале ништо помалку од среќа и задоволство од фактот што се на власт. Затоа веројатно и заборавија дека треба нешто и да се прави, да се сработи, но, ако не се за тоа заинтересирани, никому ништо. Бесот и гневот одат и онака на наше конто.