25 минути

Парче пита, радост голема

Сакате да знаете каде навистина живееме, кои сме и каде ќе завршиме на крајот? Непочитувањето на највисоките државни награди 11 Октомври се доволен патоказ и показател за урнисувањето на државава.  Добитници се- актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков, мултимедијалниот уметник и еден од авторите на ТВ-емисијата „К-15“,  Љупчо-Бубо Каров и на фолклористот Марко Китевски. Бев поканета на свеченоста од еден од добитниците, глумецот Јовица Михајловски, кој и со врвниот талент, но и еднакво значајно, со борбеноста влегува во одредот на најважните градители и чувари на идентитетот. 

Претходно имавме интервју во ТВ 24, говореше за важноста од повик на револуција, на бунт- да се фатиме за оружјето, се разбира дека тоа е нашата професија, најзначајниот општествен ангажман, вистински придонес во градење на подобра иднина. Темелите на оваа држава се поставени токму од културата, тоа е тој идентитет врз кој почива нацијата, не смееме да молчиме кога се разградува и уништува, вели Михајловски.
Драмски тетар е еден од најголемите светилници во градењето на тој идентитет. Ристо Стефановски, Слободан Унковски, Горан Стефановски- тие се нашите современи просветители, за кои секојдневно тој, Михајловски, се бори за наш поклон.
Во таа низа значајни дејци, борци, создавачи на светлото на културата и уметноста со наградата е опфатен и Јовица Михајловски, за која вели дека ја посакувал, но не се надевал, знаејќи колку се милозливи партиските богови само кон своите. И токму затоа, за да докаже дека за се е во право Михајловски, на доделувањето на наградите не присуствуваше ниту претседателот на Собранието, ниту министерот за култура Љутков, ниту пак видов пратеници. Честа им припадна на поранешните министри за култура- Ирена Стефоска, Ѓунер Исмаил и Слободан Унковски, кои, без дилема, и да немале никогаш политички функции, ќе присуствуваа на доделувањето на највисоките државни награди, затоа што се свесни за важноста од сопствениот придонес во светлината на оваа држава.

Не разбирам зошто Љутков не бил заинтересиран да ја почитува државната должност, да им оддаде признание на луѓето кои се бореле за нас, за да се продолжи честа на тој пат. Сосема спротивно од ова што денеска се разронува и разнебитува. Или како колега- глумец, да му пружи рака на Михајловски.
Љутков претпоставувам знае дека функциите во политиката се комични сами по себе, не значат ништо ако не сторите нешто навистина големо и добро за државата. Дента кога се одржуваше церемонијата на наградите, имаше една голема, историски важна свеченост во друг дел- питијада во Велес. Вестите започнуваа со оваа реченица: “Mеѓу тие што добија парче пита и донираа пари, беа премиерот Христијан  Мицкоски, министерот за култура Зоран Љутков, градоначалникот на Велес, Марко Колев и на Кавадарци, Митко Јанчев”.

Нашите бранители и чувари на идентитетот и државата се задоволни да остават траги во историјата со парче пита и денарче скриено во неа. Кога ќе ги наполнат стомаците со денарче по денарче од питичките, ќе седнат на фотелјите и ќе објават важна вест. Ова е најдоброто од нас, историјата памети. Толку можеле, за Татковината.