Сите го критикуваат премиерот Мицкоски, а никој не го прашува како му е него. Неговата изјава “министерката Сања Божиновска е поголема Македонка од сите вас”, иако беше кажана на опозицијата во Собранието, не ја менува воопшто вистината за сите нас.
Мицкоски смета дека никој не може да биде поголем Македонец од бугарскиот пасош на Божиновска. Но, за нас останатите, е, за нас, фактите не одат во наш прилог. Ние не сме големи Македонци, сосема е во право премиерот. Ние сме од оние најмалите.
За нас се пишувани романи, песни, тажаленки кои одекнувале низ ехата на вековите. Ситни Македончиња, подгрбавени, собрани и стуткани, со трошки хранети, никогаш непогалени. Остатоци од нечии подобри животи, со печат удрен од официјална Софија. Потфрлени тровчиња и на трпеза, но и од ветувањата за подобар живот, со кои се расфрлаат токму оние кои го слават тој бугарски пасош.
Во нивните очи ние сме жални сопственици на мизерен македонски пасош, заработен со раѓање и таков ќе остане до умирање. Никогаш нема да дознаеме каква е големината на понижувањето кога се пејат бугарски песни и се потпишува со две раце дека се горди Бугари, според убедување и согласно корените. Немаме срам што се уште поседуваме црвено македонско книвче, а не сме ниту способни да се избориме за нешто повеличенствено од него, како што е бугарскиот документ.
Којзнае колку ни се смејат кога ќе не видат, а и треба да умираат од смеење. Комични сме со нашите идеи, заостанати во којзнае кој век дека не ни паѓа на памет да се потпишеме како Бугари, а после да ги исмејуваме сите оние со пасошот на кој пишува Северна. Или да се згрозуваме од францускиот предлог и да го нарекуваме бугарски диктат, како што тоа така убаво го рецитира ВМРО- ДПМНЕ. Ние сме предавници на бугарштината, која со особена страст ја промовираат бугарските пасоши на власта.
Никогаш нема да можеме да се заколнеме дека тие не се патриоти на мајка Бугарија. Оваа омраза ќе не убие, за тоа служи прстот кога се става на чело. Да се сфати како сами си го потпишуваме крајот. Со бугарски печат и тоа.