25 минути

Да се биде Џон Малкович

Браво за бугарските бранители во нашата драга Софија, ете, тоа се вика херојство по балкански терк. Згрозени од драма на Бернард Шо, а во режија на Џон Малкович, стаписани од една фина воена сатира за која сметале дека опасно ги навредува Бугарите, насилниците пред Народниот театар во Софија со тупаници го чувале идентитетот.
Како и што прилега на балканските потпалувачи од која и да се земја, во случајот бугарскиве, револтирано го окупирале театарот и се нафрлиле врз дел од авторите.  Чуварите на слободата и на идентитетот ги имаме на претек и тука, не е само Бугарија мајка на балканските будалаштини. Многу мајки има овој Балкан насадено, исто толку татковци, а сепак сите народи останаа сирачиња.

Оттаму, од драгата наша Софија само од време на време пријателски ни ги праќаат имињата на сите бивши Македонци, што се заколнале и потпишале дека се Бугари, како услов да земат државјанство. Еден по еден, најголемите македонски патриоти се удавиле во сопствениот бунар, кој, како што обично бива, претходно грижливо, со доза на ликување, го копале за сите останати. Економските причини ги натерале што морале да се понижуваат за бугарски пасош, сиромајте тие, што на леб и вода биле, а немале за солца и буковка, па морало да се забибери до балчак.

Премиерот Мицкоски не го загрижуваат бугарските пасоши во власта, тој е сега одушевен од големото лидерство на Макрон, по средбата со францускиот претседател. Каква апсурдност, довчерашното згрозување од францускиот предлог, нарекуван бугарски диктат, денеска веќе е предмет на славење. Еднакво како што власта се поклонува на Преспанскиот договор, спремна да аплицира дел од него на- до вчера, нарекуван како скандалозен француски предлог.

Какви времиња, такви герои.