Интересни се изјавите на Артан Груби по завршувањето на Црна листа- тој бил чист како солза пред Бога, семејството, пријателите. Свесен и горд е што пред законите на оваа држава не мора да биде чист, нормално.
Тоа е и убавината на оваа земја за македонските политичари, таканаречени бизнисмени, судии, кои завршуваат на Црната листа. Колку повеќе крадете, толку повеќе напредувате во кариерата, уште повеќе сте почитуван и влијателен.
Претходниците на Груби во овие црни листи се најдобар доказ за тоа- Груевски, Мијалков, Анѓушев, Мерко, кој сѐ не. Значењето на црни листи е една голема нула за нив, само празни зборови на сите досегашни американски амбасадори.
Надежта за освестување и промени кои ја имаат Агелер и нејзините претходници одамна не е случај за македонските граѓани. Како вели Агелер- ако можевме ние да обезбедиме докази, ќе можете и вие. Не, нема да можат, амбасадорке, затоа што нема да сакаат. Некој ситен доказ ќе заврши длабоко во фиоките, ќе се избрише од правта низ годините, ќе мувлоса и ќе потсетува само реата која се шири низ сите пори на земјава.
Засмрдената држава од докази по фиоките ќе ги тера граѓаните уште повеќе да се пакуваат и да посакуваат никогаш да не се вратат.
Ќе останат тука само пресреќните пензионерки од Прилеп со тортата на која јасно пишува дека за 2000 и нешто денари поголема пензија го достигнале нивниот врв на достоинствен живот. Со таквите слепи поддржувачи на власта, ќе остане и вечна радоста на носителите на црни листи дека владеат во испустена земја и за таква вреди да се прават напори за полнење на тие листи.
Лошата вест за нив е дека сепак ќе остане уште некој, како нас, кој ќе ги потсетува дека веселбата нивна ќе ја пресече нашата борба да им ставиме крај. Тука сме, да го потсетуваме Мицкоски, како што тоа го правевме со неговите претходници- исчистете ја државава, затоа што вие сте следните.