25 минути

Тука умираме како муви

Ова е Македонија. Тука умираме како муви. Не треба ни да замавнете за да нѐ истребите. Само оставете нѐ да претаме, ќе клапнеме многу брзо, додека трепнете. 

Ова е Македонија. Почина 57 годишен маж, пациент на кого му требала итна реконструкција на аортата која му била разлистена, но не ја добил. Инспекцијата ги потврдила тврдењата на семејството – ангиографската сала што му била потребна на пациентот не работела еден месец и на клиниката немало стент-графтови (медицинскиот материјал што требало да се вгради).

Ангиографската сала ќе биде затворена барем до 15 мај до кога на Кардиохирургија нема да има ни стентови за торакално-ендоваскуларна аортна реконструкција. Премногу е неразбирливо сево ова, кој да се малтретира да ги разбере сите овие медицински термини. 

Ова е Македонија. Едноставно, човекот умрел затоа што немало лек. Ако подобро размислиме, нема лек за ништо во оваа земја. Ниту за самата држава нема лек. Затоа сме оставени сами на себе, да се лекуваме, да умираме, да посакаме никогаш да не се родиме. Инспекцијата ќе констатира- нема помош за вас.

Не доаѓајте во државните болници, тие се само обични згради од малтер и цигли. Докторите се стручни, но немоќни. Знаат како да работат, но не можат да ви помогнат. Се прашувате- што ќе се случи ако падне болен некој функционер? Истиот тој кој до вчера решавал за судбината на милион и пол луѓе. Бил господ во сопствените очи и навистина, ги редел шаховските фигури за сите нас. Но сега му е потребна итна интервенција, и тоа веднаш, во амбулантната кола за Брза помош. Во таа кола нема да има ништо што може да му помогне, освен еден кревет и стручни лица. Нашиов функционер во случајов нема да може да избира, да оди во приватна болница, не е свесен што се случува, некој викнал државна Брза помош. Некој сака да го однесе во државна болница, онаму каде што нема да може ни да стигне жив.

Дали вака размислувал нашиов функционер, кога безгрижно владеел со распадот на системот и мислел дека никогаш нема да му се случи катастрофа. Докторите нема да можат да му помогнат. Семејството ќе гледа немо како сѐ се руши пред нивните очи. Кулата од карти се стрмоглавува, Потемкиното село се демонтира. Смртта е констатирана.

Инспекцијата се повлекува, Комисија за случајот се формира. Виновен е самиот тој, но никогаш нема да каже никој, како пропаста сам си ја потпишал. Затоа што ова е Македонија. Сите заминуваме молчешкум, со наведнати глави. Ништо не смее да се дознае, ниту некој да прозбори. Единствениот излез е да сторите сѐ за да заминете оттука. Што побрзо, најбрзо што можете. Уште вчера ќе беше најдобро.