25 минути

Максимум пропаст, со минимум напор

Фасцинантна беше идејата за трибина во Владата, со наслов “Кочани е наш приоритет”, каде тројца  функционери одговараа на прашања на портпаролката Марија Митевска. Генералниот директор на Црвениот Крст,  Саит Саити, Сашо Клековски- директор на Фондот за здравствено осигурување и Ивица Томовски,  директор на Служба за општи и заеднички работи беа функционерите кои наместо да излезат на прес конференција и да одговараат на новинарски прашања, го избраа најдемократскиот начин на отчетност и транспарентност. Сами себе да се прашуваат какви сѐ успеси направиле и што допрва тие сѐ можат да направат.

Слушајќи ги семејствата и сите луѓе кои протестираат, меѓу кои е и “Сапорт Кочани”, тие бараат правда, правна држава, владеење на правото, функционално здравство, но и елементарни медицински потреби, завои, гази, ракавици, стегачи, списокот е долг и поразителен.

Марко Димитриев од „Сапорт Кочани“ во интервју за “Радио Слободна Европа”изјави: “ Има деца што се со отворени рани, имаме информација дека има деца со бактерии, имаме деца со некоја инфекција. Ние можеме да ги поканиме сите институции да дојдат и да видат, да ги прошетаме низ болницата, да видат каква е ситуацијата и како тие деца се лекуваат. Тоалетите во болницата да ги видат, да видат каква е структурата таму, дали има потреба од санација. Ние ја имаме реалната слика, ние сме таму, комуницираме со децата, со родителите, со засегнати, со сите. Така што, сите можат да дојдат и заедно да видиме како можеме да помогнеме, бидејќи знаеме дека условите не се како што се претставени“.

Сепак, на владината трибина “Кочани е наш приоритет,  Клековски вели- “Одговорно тврдам дека правиме максимум”, за што никој нема дилема дека тоа не е така. Затоа што, целата вистина е дека тоа е максимумот во оваа земја. Максимум пропаст, со минимум напор.