25 минути

Нема да им ги скршите крилјата

Фасцинантна е оваа земја, нам најдрага. Погледнете ја само последната вест за Македонска навигација (М-НАВ), од пред некој ден, која ја објави порталот “Сакам да кажам”- Наместо контролори за летање, ќе вработуваат советници за секој директор и кадри со средна школа. Токму затоа, Синдикатот на контролори за летање најавува штрајк во јули, заради продолжување на претходната пракса- вработување на партиски кадри, кои се апсолутно непотребни.

Сепак, премиерот Мицкоски не верува дека тоа е причината за штрајкот, туку вели дека верува дека заканите се на оние кои лани “правеа упад и тепаа”, мислејќи практично на натепаните контролори на летање, кои протестираа против партиски вработувања. Тогаш беа нападнати од насилници од ДУИ, кои во 2024 упаднаа  во Контролната кула и натепаа контролори Албанци, кои протестираа за партиски вработувања.

Ви велам, фасцинантна е оваа држава, нам најдрага. Партиските кадри ги имате распространето насекаде, од болниците до аеродромите, тоа ви се квалификувани кадри единствено за производство на депонии, за да се давите во расфрланото ѓубре, во секаков смисол на зборот. Ѓубрето ве опкружува и ве заробува, партиската книшка му е влезница за да ви го окупира животот, не можете да зачекорите на улица а да не ве затрупа. Тоа ве блокира и попречува, не можете дури ни да земете здив, а да не ви го одземе и последниот атом на сила кој го имате.

Секојдневно се борите со тоа ѓубре, станаа веќе децении и оттука и потешки тие битки, од кои партиските војници имаат само една задача,  во менгеме да ги вклештуваат сите оние кои го креваат гласот. Можеби понекогаш излегуваат победници, но никогаш тоа не трае долго. Професионалните кадри на контролата на летање во Македонија се доказ за тоа. Нивната борба е најдобрата лекција за тоа како се брани достоинството, слободата и сопствената земја. Крилјата никогаш нема да им ги скршат, затоа што тие се луѓе кои слободно летаат и ја чуваат оваа земја, нѐ чуваат со тоа и нас.

Ако некој ја бара дефиницијата за патриотизам, сетете се на нив. Никогаш не се предаваат, затоа што тоа е единствениот начин да се одбрани оваа земја од дното кое може да опстане само во провалија, која оди во бескрај, која нема дно.