25 минути

Данела, жената која ја има

Гледајќи ја Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје, мора да се оддаде признание- не постои ниту мало колебање кај неа дека лична жртва мора да се прави, ако сакате функционална, нормална држава. Нејзините секојдневни бомбардирања со информации и докази за криминали во градежништвото се разбира дека никој не сака да ги чуе и види, најмалку да постапи.

Затоа што, ова е земја во која се слават корупцијата и криминалот, врз тоа почиваат темелите и суштината на нејзиното битие. Луѓето се веќе навикнати на мрачните сенки надвиснати над нив и кои владеат со нивните животи, затоа и се имаат предадено. Никој не сака да ги направи тие лични жртви, затоа што станува за обични, невидливи граѓани, кои сакаат да останат такви, ако планираат да преживеат. Зад нив не стојат ниту институции, ниту партии, конечно странските амбасади од демократските земји и да сакаат да им помогнат, нема да можат да сторат ништо за да ги заштитат. Оставени се граѓаните сами на себе, на отворен простор каде се претворени во најдобра мета за отстрел.

На тој начин не можете да ги започнете, не па да ги извојувате сопствените битки. Тој мал, наведнат човек со покорност е принуден ја прифаќа неправдата и понижувањата за да може да земе барем здив, ако веќе не може слободно да дише. Во такви услови, нема големи шанси и простор за маневар. Македонскиот менталитет на “наведната глава сабја не сече” секогаш е најдоброто решение за жртвите, кои и не знаат како поинаку да се одбранат. Но, за жал, така не се бранат сопственото достоинство и интегритет.

Државите не се создаваат и зачувуваат без жртви, без лични откажувања и храбра борба за себе, за воздухот кој се дише, за земјата која се гази. Така никогаш нема да се биде газен, омаловажуван и понижуван, обесправуван и потчинуван. Така се создаваат херои, конечно државите и така растат и се градат, кога јунаците ги одбрануваат, макар паѓале низ вековите. Стануваат следните, сеедно што можеби биле покосени нивните претходници, но сепак се борат и не се предаваат нови и нови херои секојдневно низ светот, низ вековите врз кои почива човештвото, за да опстане светот, за да преживее цивилизацијата.

Таква лекција сѐ уште не е научена тука, на овие простори. Затоа и никогаш не сме можеле да создадеме држава, ниту пак и оваа ќе може да ја зачуваме.