Најдобриот совет кој можете да го добиете ако сакате, или пак сте принудени да живеете во оваа земја, е да престанете да читате или гледате вести. Морате сѐ да сторите за да го зачувате вашето ментално здравје, конечно вака длабоко вознемирени тешко дека ќе може да го преживеете следниот ден, ако веќе и ноќта не е во прашање за животот кој е доведен во опасност.
Но, од друга страна, она што е значајно да се знае дека човештвото не можелo да oпстане, ниту да се развива и еволуира без длабоко вознемирени граѓани, токму кога пред нивните очи била систематски девастирана државата, свесни дека без нивниот глас, протест, аларм, таа немала големи шанси да опстане. Затоа и е важно сега да се прочита овонеделното истражување на порталот “Сакам да кажам”, кој инаку којзнае колку пати низ годиниве пишува за злоупотреби и вкоренување на партизацијата Македонска навигација (М-НАВ).
“На спорниот оглас, поради кој контролорите на летање во Македонска навигација (М-НАВ) се заканија дека ќе штрајкуваат на 10 јули, примени се: Ивана Југ – сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, Атанас Стамнов – сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија Анита Стамнова, како и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Филип Ѓорѓиев”.
Контролорите на летање еднакво безброј пати предупредувале, реагирале, апелирале, одбивајќи да биде создадено партиско дувло од барем тоа парче слободно небо во оваа земја, која не може да мрдне и да се ослободи, притисната како во менгеме од изживување во партизација, што е само второ и вистинско име на корупција и криминал. Овие луѓе, контролорите на летање, многупати биле славени како херои, едни од ретките, дел од малцинството кое одбива да продолжи да ја гледа пропаста на сопствената држава.
Токму затоа, оваа Влада мора да знае, годините поминати во таквото практицирање на власт се изгубено време и за нив. Затоа што, нема среќа во привилегииите, удопствата и дебелите конта, ако разорувате сѐ што е околу вас. Тоа е таа стара приказна на трагично пропаѓање на империите, благодарејќи на оние властодршци, кои со своите одлуки довеле до распад кој се одвивал пред нивните очи, а тие само рамнодушно гледале, затворајќи ги очите и ушите, револтирани ако не бидат следени од покорните клиенти, нивните гласачи. Секако, властите се секогаш и одушевени што можат многу повеќе, далеку подлабоко да го испорачаат дното, не сфаќајќи дека таа бездна ќе ги повлече и нив, но со таква насмевка која единствено вреди да се запамти, како предупредување на идните и следните, но само на оние кои се доволно паметни да ги научат лекциите од историјата на нивните претходници.