25 минути

Панична сирена за Билјана И.

Една деценија подоцна, откако Груевски ги расипуваше лифтовите во Центар, за прегласување на кандидатот за градоначалник на опозицијата, Андреј Жерновски, добиваме уште посилен и поопасен притисок пред овие локални избори. 

По 11 часа откако Билјана Ивановска ја објави кандидатурата за градоначалничка на Општина Центар, избрана од Граѓанските иницијативи од платформата „Независни заедно“, двајца полицајци во 20:30 часот затропале на нејзината врата, за да ѝ врачат кривична пријава, која инаку е приватна, а се однесува на периодот кога Ивановска беше претседателка на Антикорупциската комисија.

Она што е индикативно е фактот што приватната кривична пријава била поднесена во февруари годинава, а ѝ се врачува дури 6 месеци подоцна, веднаш по објавувањето на нејзината кандидатура. Освен тоа, Ивановска добива понуда од надлежната јавна обвинителка Адела Бојчевиќ да го одложи исказот доколку сака, ако поканата за исказ ја чувствува како некаква форма на притисок, што е апсурдно ироничен потег.

Се разбира дека целата операција не изгледа како притисок, и се разбира дека доколку Ивановска се согласи за одлагање, никако би изгледало сомнително, практично како признание дека е виновна и пред воопшто да дознае за каква точно приватна кривична пријава станува збор. Каква пародија, каков невиден срам за тврдење за независно правосудство, кое одлучно отфрла обвинувања за некакви спреги со власта.

Ивановска ги разочарува гладните за политичка крв и подготвени за гилотина и ја одбива понудата на обвинителката Бојчевиќ, велејќи “немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци”.

За сосема да бидат ставени во менгеме независните граѓански иницијативи, претседателот на Собранието Африм Гаши вчера закажа итна седница за следниот ден за измени на Изборниот законик, со кои се предлага независните кандидати наместо со потписи од 1 процент од вкупниот број запишани избирачи во една Изборна единица, да можат за избори да се кандидираат со 0,95 %. Се разбира дека нема сомнеж дека ќе се изгласаат овие измени, во паника од можноста да изгубат многу повеќе од нивните илузии за моќ на локалните избори.

Но, тоа е сосема во ред. Стравот од губење на широкото поле на корупција, криминал, невладеење на право, царување на неправда, одржување на топ- листите на кои Македонија се наоѓа високо меѓу најсиромашните европски држави, еднакво како и на оние на смртност, необразованост, загадување, да набројувам ли уште, повеќе?

Доколку граѓаните се пресреќни и задоволни со овие успеси и подвизи на оние кои владеат, тогаш- сѐ е заслужено. И оваа беда и јад, и сиот чемер за кој се кука и лелека, затоа што претставата за жртва е единствено решение за оние кои немаат желба за подобар и подостоинствен живот, ниту амбиција да се изборат за сопствената иднина.