Што може да видиме во следните денови што толку би нѐ израдувало, толку би нѐ летнало, што нема да можеме да дишеме од среќа и еуфорија, како што најавија премиерот Мицкоски и министерот за надворешни, Муцунски? По ударот од САД, за привремено укинување на иселеничките визи, оваа нивна изјава- ќе видите вие- може да изгледа како најголемата утеха, приспивна песна, залулкани во соништата, копнежите, амбициите да побегнеме што подалеку од оваа земја.
Дотогаш, ни остануваат само паничните напади што сѐ уште сме заглавени тука, во кошмаров од држава. Дотогаш, би можело сѐ поинаку да биде. Ќе видите вие за неколку денови какви потези ќе направи оваа Влада за милиметар да го намали отровот кој го дишете, вие, што молите за иселенички визи, макар и завршиле на најдалечната точка на Земјината топка. Но, навистина да го сторат тоа конечно.
Ќе видите вие што сѐ ние ќе сториме следниве денови за да можете барем еден единствен ден достоинствено да се лекувате во распаднатите болници закопани во уништеното здравство. Но, да не остане само на празни, изгубени во времето зборови, избришани од колективната меморија, како досега.
Само почекајте некој ден, ќе почувствувате како ќе ви се промени барем малку животниот стандард, како ќе престанете да одите со наведната глава, тогаш кога не знаете како да го прехраните сопственото семејство. Но, овојпат навистина да се преземат мерки, да не останат овие ветувања збришани од сеќавањата, како никогаш да не било.
Бидете трпеливи овие тешки и неподносливи денови, ќе станат убави и пријатни преку ноќ, тогаш кога и вие ќе го доживеете економскиот раст, а не само власта која ве убедува дека тој е реален, постои, но не само во нивните графикони и ексели, во нивните чудесни фантазии, за кои верувате дека еден ден и вас ќе ве нападнат.
Чекајте вие, застанете, вкопајте се онака како што бевте зациментирани како споменици кога трештеа сирените на часот кога почина другарот Тито, кога плачевме сите сплотени, верувајќи дека така изгледа крајот на светот. Сега чекајте го почетокот на некој друг, прекрасен свет. За некој ден, за некој час и минута, во оваа секунда почнува да мириса на промени, она што до вчера смрдеше несносливо.
Чекајте само вие, мирно чекајте, животот така и поминува, чекајќи го чекањето, кое никогаш не завршува.
