Две години никој не знаеше дека воопшто постои лицето Арбен Фетаи. Овој драг и доблесен човек ја има најважната функција во оваа држава. Тој е вицепремиер за добро владеење, во владата на Христијан Мицкоски.
Од пред некоја недела за Арбен Фетаи скоро секојдневно пишуваат новинарските глодари, да се послужам со зборовите на премиерот Мицкоски, кога опишува негови, а и генерално на власта, критичари. Никој не знае дали оди на работа Арбен Фетаи, ниту дали зема плата.
На ова прашање премиерот Мицкоски одговори соодветно на глодарската природа на новинарите-следната недела ќе имам состанок со Фетаи и тогаш ќе ги имам сите одговори. Какви новинарски гадинки, Мицкоски сака да каже и дека воопшто и не е важно ова прашање, штом никој досега и не заинтересирал да праша-а зошто воопшто две години ова лице Арбен Фетаи земало плата. Што работело лицето, што сработило, каде се неговите успеси, подвизи, резултати, барем еден документ да имаше, да знаеме зошто воопшто го плаќаме?
Еднакво како и вработените во Универзална сала, кои со години земаат плата и никогаш нема да има одговор-зошто не одговараат? Колку вработени има во администрацијата кои еднакво земаат плата а не постојат? Секако дека е срамно, дури и неверојатно воопшто да се отвораат овие теми, дури и Мицкоски е запрепастен и навреден од прашањата, што сега дознаваме дека воопшто постои некаков си Арбен Фетаи, за кого минатата недела кажа дека е толку квалитетен кадар, што можеби ќе заврши во Брисел како специјален претставник.
Има право Мицкоски да биде изнервиран од глодарскиот перфиден интерес. Како еднаш не сфативме дека честа е голема да плаќаме луѓе кои никој не ги видел, ниту чул за нив, луѓе кои владеат со покорните и понизните, во оваа мала земја, која ја претворија во црна дупка, од која нема излез. Колку што тонеме, толку повеќе нѐ свлечкуваат.
Играат врз нашите глави, онака како што тоа го правеше Груевски. Драго ни е за нив, почестени сме од нивниот танц, што воопшто се сетиле да ни ја ископаат дупкава. Уште да ни дадат јаже, сами можеме да ја завршиме работата, нека не ги валкаат нивните чисти раце.
