Ниските температури во зима може значително да ги намалат перформансите на вашиот автомобил, што може да резултира со несакани последици и дефекти. За почеток, треба визуелно да ја проверите надворешноста на возилото и да видите дали има некои оштетувања на лимот, со цел да спречите поголеми оштетувања од солта и средствата кои се користат против мрзнење на патиштата.
Една од основните проверки е состојбата на акумулаторот, која е најчеста причина за неуспешен старт на моторот. Во зависност од моделот, проверете дали во акумулаторот има доволно течност или видете колку е стар и дали треба да се промени. Истекувања или бела засушена пена околу приклучоците често е знак за потрошена батерија и неопходно е да се посети сервис за проверка на исправноста и евентуална потреба од замена.
Ако се вклучи црвена сијаличка со батерија на инструмент-таблата значи дека акумулаторот или е празен или, пак, има некаков проблем со системот за полнење.
Потоа треба да се провери дали има антифриз во системот за ладење на моторот и во која состојба е. Недоволното количество антифриз или послабата концентрација може да предизвика оштетување на моторот при пад на температурите. Најдобро е проверката да се направи на сервис.
Освен тоа, добро е да ја проверите и состојбата на бришачите, чиј просечен век на траење е една година и во резервоарот со течност за ветробранското стакло да наполните средство против замрзнување.
Во зима видливоста е намалена, па задолжително проверете ја светлосната сигнализација на возилото.
На сите поголеми бензински станици може да купите средство против замрзнување на бравите на возилото, стругалка за мраз и метла за снег, спреј за одмрзнување на стаклата и ракавици, без кои се може, но, секако, добро е да ги имате за студените зимски утра, кога температурата е под нулата.
Дополнително може да побарате и совет за адитиви кои се ставаат во резервоарот и може да ги користите и за дизел и за бензинските мотори, а кои го олеснуваат стартот и работата во зимски услови.
Од 15 ноември до 15 март на сила е задолжителна употреба на зимски гуми. За возила со маса до 3,5 тони наместо зимски, може да се користат и летни пневматици со минимална длабочина од четири милиметри и задолжителни синџири за снег за погонските тркала. Казната за немање зимска опрема е 45 евра.
Секогаш пред да тргнете на пат во зима информирајте се добро за временските услови и состојбата на патиштата. Проверете дали имате доволно гориво во резервоарот, бидејќи никогаш не знаете дали ќе треба некаде да чекате во колона.
Планирајте, доколку е можно да патувате преку ден и пред тргнување добро исчистете ги стаклата и светлосната сигнализација на возилото, советува Макпетрол.