Компанијата „Макпетрол“ АД Скопје информираше дека непознат субјект, во нивно име, испраќа СМС-пораки до граѓаните и ги известува дека се добитници на награда.
Во соопштението до јавноста, фирмата тврди дека случајот е веќе пријавен кај надлежните институции и се повикуваат граѓаните да не им веруваат на таквите пораки.
„Сакаме да потенцираме дека, компанијата ‘Макпетрол’ АД Скопје има една наградна игра која се реализира под мотото ‘Верна секогаш со вас’. Добитниците се истакнуваат на официјалните веб-страници на компанијата и програмата за лојалност ‘Верна’, www.makpetrol.com.mk и www.verna.mk, додека добитниците на наградите од мастер-колата се објавуваат и во емисијата ‘Верна, секогаш со вас’, која се емитува на ТВ Телма.
Дополнително, по секое извлекување, среќните добитници се известуваат лично, преку телефонски разговор од официјалниот контакт-центар на компанијата“,се вели во соопштението на „Макпетрол“.