25 минути

Брза лента за квалитетниот хоштаплер

Квалитетната дијаспора доби брза лента на аеродромите во Македонија, што секако претставува огромен успех за идејниот татко, Бујар Османи. Тој вели дека се радува што е критикуван, зашто само така дијаспората ќе слушнела за големината на овој проект.

Нормално дека најмногу се израдувавме кога го видовме Глигор Ташковиќ на овој список. Господинот министер во времето на Груевски, подоцна под истраги за криминали, со кои толку се прослави, што и угледниот „Њујорк Тајмс“ пишуваше за неговите измамнички подвизи, тешки 45 милиони долари.

Затоа, како награда Ташковиќ добива од Османи орден за успешна дијаспора, преку иновацијата -брза лента. Колку е поголема сумата на измамите на Ташковиќ, толку побрза лента на аеродромот за него. Квалитетот на измамите се крунисува во оваа земја. На крај, Османи ќе му ја конструира најбрзата лента преку една голема вртелешка, на која ќе биде катапултиран до која дестинација посакува. На вртелешката ќе пишува- обвинители, фатете го нашиов крунисан хоштаплер, ако можете.

Некои медиуми безобразно критикуваат дека немало брза лента за лицата со посебни потреби, за болните, а ниту за бремените жени. Но, тие со ништо не се истакнуваат, ве молам. Нивните измами не се белосветски, како оние на Ташковиќ. Нив оваа држава не ги перципира дека воопшто постојат, не па дека имаат најголем приоритет, за разлика од измамниците, кои ги слави и позлатува.

Слабите, незаштитените, немоќните, обесправените во оваа земја секогаш се ставени во лентата за граѓаните од последен ред, тоа се неквалитетните, кои треба што побрзо да се елиминираат. Таа лента не е ни закочена. Ако некогаш се помрднат, тоа подразбира одење назад, наназад, секогаш уште поголеми потценувања, уште побезмилосни понижувања.

Османи, знаеш ти и подобро од ова. Но, прашањето е- дали сакаш?