25 минути

Не е злато сè што сјае

Ех, години, минати, завршени години. Убави, спокојни години беа тоа. Секоја година на Бадник, а зошто не и на Василица, читавме и слушавме колкава е среќата на Никола Груевски додека беше премиер. Се вртеше, вртеше и вртеше лепчето секоја година, се броеја денови и недели и месеци, светот не дишеше и ништо не се мрднуваше од место, сè додека тој не ја добиеше светата паричка. Вистински знак дека благостостојбата само нему му припаѓа.

Тоа се сега само спомени, години кога сè што тој ќе фатеше- ќе позлатеше, се трупаа станови, пари, дворци и палати, не им се знае бројот.

И никој до ден денешен не го постави прашањето- кое е потеклото на имот на овој среќен господин, како ги стекна сите тие пари, богатства, како по ѓаволите? Не се поставуваат прашања во оваа земја за никого, па зошто и за него, конечно за него требаше најмалку- затоа што се знаеше потеклото. Одговорот е во паричката на Бадник и Василица, таа предизвикува поројни дождови од златници низ годините, не треба да бидеме будали, мора да веруваме во овие натприродни појави.

Заедно со него, низ годините, се зголемуваа богатства и на други политичари, директори и шефчиња, судии и обвинители, секакви важни и споредни ликови кои продефилираа низ деновите кои си течеа, безгрижно и спокојно. Затоа што никој не ги прашуваше, никој не истражуваше- како само ним им врнат златниците и од каде точно тие паѓаат врз нивните глави и веднаш го наоѓаат патот до нивните џебови.

Денешниот премиер Ковачевски, еднакво како и сите негови министри, аплаудира, одушевен од идејата на Америка да се бори против корупцијата во нашата земја. Денеска никој не објавува каде се паднала паричката во Владата, во судството, во обвинителството, ниту за Бадник, ниту пак за Василица. Ги чекаат Американците да им ја соопштат црната листа, но не се загрижени, воопшто не се. Да беа, ќе започнеа истраги на сите досегашни паднати парички, без исклучок. Ќе започнеа од себе, понизно ќе застанеа пред јавноста и ќе признаеја- Не е злато се што сјае.