Минатата година точно овие денови сум напишала дека знам еден човек. Тоа било истото време кога во МНАВ тројца директори сакале да го поништат огласот за контролори за летање, затоа што победиле кандидати кои се деца на обични граѓани. Внимавајте, тие не биле нивни избраници од светите партиски списоци.
Сега, после точно една година, се повторуваат истите агонии, истата борба на контролорите за летање, оние кои се професионалци, оние кои се луѓето кои се борат за сите нас.
Затоа и приказната за човекот кој го знам мораше да биде напишана. Одеше вака: Знам еден човек. Нашиов човек работи во Евроконтрол, Македонец. Човекот тука не вреди ништо. Тој тука е нула, навистина никој и ништо, такви се тука правилата- со партиските книшки-библии се добива работа обично без солзи, крвава работа и пот.
Слегнал нашиот човек со рамениците, тој тоа го знае, одамна се помирил, нормална е таа приказна, нему добро позната, секако и нам одамна апсолвирана. Затоа и си отишол од тука, нашиов човек, нашава нула, знаете и сами, тука сме го претвориле во нула, сме го помножиле, сме го фрлиле. Така тука функционира светот, животот и заминувањето.
Не му го напишав ни тогаш името, ниту сега нема. Знаеме и двајцата- не би сакал тој да му се развлекува името, тоа се болни сеќавања, стари јадови. Тоа би кажал, да се заборави побрзо, зошто не е лесно памтењето тука, во оваа земја. Ќе беше посреќен да си одам од оваа приказна.
Ама, знаете и сами- никој не сака да си оди од вакви приказни. Немал тој никакви партиски книшки, ниту една, ни најмала, макар невидлива, но да боде очи, да блеска, да се шепури онаму каде што ќе сака тој. И таа, особено таа. Знаете и сами- само затоа што немал книшка, само затоа што не бил еден од синовите на вработените таму, кај нашево Воздухопловство, во таа мизерна институција, само затоа, добил отказ.
Човекот наш имал само еден пат. Да не се сврти повеќе тука, да го извади билетот во еден правец, да го затвори куферот полн со горчини и жал за земјава, тоа е секако жал за своите, ама признаваме сите- и жал е за земјава, сепак. Никого не го заболува, не го пече- за никого.
Отишол човекот наш во Брисел, веќе знаете и како одат тие чекори, некако нормално темпо добиваат. Од најситни прераснуваат во мали, за да ги достигне поголемите, за да ги заслужи најкрупните. Ги положил сите тестови, некако почнал да го мази животот, откако не барал никој од него да почне да приложува сертификати за татковци, ниту за партии, ниту за нечесност, ниту за бесрамност.
Додека се свртиме сите, за миг, отишле и годините. Следуваат менаџерски функции во Евроконтрол, како след на сите поминати години, полни со почит, со чест и углед, како што му прилегало.
Проблемот е што државава е полна со деца на обични граѓани. Затоа и нашиов човек си отишол во Брисел, во Евроконтрол пред некоја деценија. Затоа што обичните граѓани го држат светот на своите плеќи. Со децении, со векови, од првиот ден, од првиот ден, откако настанал светот. Борете се да бидете обични граѓани, тоа е најдоброто што можете да му го дадете на светот.