25 минути

Оглас за работа: Не се пријавувајте, не бидете смешни

Во ваква држава сакаме да живееме, за ова се боревме. На оглас кој траел само два дена, и тоа за викенд, се вработил како сметководител почитуваниот господин Миѓен Селмани, поранешен директор и член на Управниот одбор на М-НАВ. Претходно, за тој оглас ексдиректорот Фахрудин Хамиди тврдеше дека е грешка која ја направила Агенцијата за вработување, после што следеше најава за штрајк на Синдикатот на контрола на летање. И покрај оваа ненамерна грешка, и покрај уверувањата на министерот за транспорт Бочварски за средување на состобите, господинот Селмани останува уредно вработен, со огромна плата која претставува исклучиво привилегија за измислено работно место.

А што да се каже повеќе. Песната на Али Ахмети и неговото весело друштво е само мала кафанска веселба за влезот на новиот технички премиер Талат Џафери е вистинската слика за оваа држава. Снимени во магла во Кабинет во Собранието, со крвави очи затоа што се обвиени со дим од цигари, распеани и пресреќни, слават уште една победа- над окупаторот на кој ништо не му можат. Тие така ги доживуваат законите во оваа држава- како окупација од која треба да се одбранат со сите средства.

Кафеанската атмосфера во Парламентот- тоа е најдобрата стратегија за одбрана од сопствената држава. Велите- сопствена држава? Господа драги, погледнете ги оние слики со косовскиот премиер Курти, каде албанските опозициски лидери договараат изборни стратегии во Македонија. Еднакво важи и за македонските политички лидери- велите дека работат за интересите на сопствената држава?

Полека, не ги затворајте ширум очите, продолжете со останатите слики. Погледнете ги понатаму сите камчиња од мозаикот како се распоредуваат и се шират- во окупација на сите партии во сите пори на државата, без разлика дали се македонски или албански. Господинот Миѓен Селмани може да се вика и Трпко и Петко, сеедно, наречете го како сакате, со кое име македонско посакате. Затоа што, партиската окупација само ја обремени и ја проблематизираше етничката припадност, создаде омраза и револт кон Албанците, наместо отпорот и на Македонците и на Албанците, на сите етнички групи конечно, да се фокусира исклучиво кон кршењето на законите на самите партии, кои ги злоупотребуваат и проблематизираат и онака кревките етнички односи.

Претходните рани од конфликтот во 2001 после подолго време се претворија во лузни кои сепак започнаа да заздравуваат, да избледуваат, за повторно, две децении подоцна, започнуваат да се искорнуваат и да се продлабочуваат. И македонските и албанските политички партии влегуваат во опасна игра, само заради тоа што се заслепени од желбата за власт. ВМРО-ДПМНЕ со одбивањето за уставни измени, СДСМ и ДУИ со одбивањето за реформи, што доведе до длабока етничка поларизација и нетрпеливост. Албанските опозициски партии со кокетирањето со Курти, во чија игра влезе и СДСМ само го заострува и продлабочува етничкиот јаз. Песната која денес ја пее во транс Ахмети може многу лесно и побрзо отколку што може да се претпостави да стане плач на сите нас, лелек кој нема да престане.