25 минути

Пендаровски ја достави до ДИК иницијативата за собирање потписи за претседателската кандидатура

Откако ја објави својата кандидатура за втор мандат, актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски денеска до Државната изборна комисија достави иницијатива за собирање потписи за претседателската кандидатура.

ДИК соопшти дека потписите ќе се собираат во сите подрачни одделенија и канцеларии на Комисијата на целата територија на државата.

Претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција ја објави својата кандидатура за втор мандат. Тој рече дека ја најавува својата граѓанска кандидатура за претседател на државата и ги повика сите граѓани од 3 март, недела, да му дадат поддршка со давање потписи во подрачните единици на Државната изборна комисија.

-Во изминативе пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка, или економска моќ во државата, вклучително и во однос на оние кои го поддржале на избори. Зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка. Без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси, поврзани со мене, со моето семејство, со моите роднини, пријатели, или најблиските соработници, истакна Пендаровски.