25 минути

Над 2.000 филмови пријавени за 3. издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ во Битола

Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ е настан кој претставува широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражувањето на традиционалниот, но и на современиот начин на живот на човечките заедници, нудејќи различни сознанија, филмски форми и методологии на работа.

Целта на фестивалот е да промовира етнографски филм и визуелна антропологија, преку пристапен фестивал, кој ја рефлектира различноста на антрополошките реалности и современите прашања, истовремено обезбедувајќи простори за средби и дијалог. Целта на организаторите НУ Центар за култура-Битола е да го демократизираат етнографскиот филм, особено преку бесплатни проекции, но и преку активности за културна посредување.

Трета година по ред, фестивалот сака да ги поттикне истражувачките и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да ја едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од потценувањето на вредноста на културното наследство.

Фестивалот, кој се одржува во рамките на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, и годинава ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти. Ќе се повика на далечни сведоштва, без разлика дали оваа оддалеченост е географска – започнувајќи од Индонезија, Мадагаскар, Мароко, Непал, Бразил, Мексико, Сенегал, САД, но и филмови и начин на живот блиску до домот – Шпанија, Бугарија, Србија, Франција, Португалија, или временска – со филмови од архивата на Кинотеката на Македонија – за да се илустрира оваа тема. Преку овие филмови, се нудат средби со заедниците од сите страни на планетата на кои им е заедничко споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура.

Исто така, фестивалот се стреми да привлече македонски автори вклучени во зачувувањето на културното наследство што тие го наследуваат. Досега на двете платформи за пријавување на фестивалот:  https://festivals.festhome.com/festival_dashboard и https://filmfreeway.com/InternationalEthnographicFilmFestivalIlindenDaysBitolaslashIIeFFIlindienskidienovi-Bitolaienski се имаат пријавно над 2.000 филмови (краткометражни и долгометражни) што сведочи дека фестивалот и Битола се најдоа на картата на светот на етнографскиот документарен филм. Потврда дека етнографскиот филм е, меѓу другото, продолжување на она што го започна фестивалот „Илинденски денови“ пред повеќе од половина век – негувањето на изворната фолклорна традиција и зачувување од заборавот.