25 минути

Ајде да зборуваме за рамноправноста

Тогаш, кога ќе се сетите на сите оние жени кои ги кријат отоците и синилата од модриците, ја ставаат раката врз нив, се виткаат со превез за да можат да одат, а одат, одлично одат, патот е прав, секако дека може многу повеќе да се оди од светот кој ги презира и ги надгледува. Подобро се оди особено од оние кои ги турнале, многу повеќе се чекори од оние кои се безвредни, само за да им докажат дека ништо не е можно без нив.

Тогаш, кога ќе се присетите дека можат овие жени се, многу повеќе од целиот свет кој ги опкружува, сеедно што се тепани, претепувани, млатени, премлатувани, газени, прегазувани, но, внимавајте,  не и згазени.

Тогаш, кога ќе ви помине низ сеќавањето дека низ животот сте виделе многу од тие жени- понижувани секој ден, а деновите се секогаш вечност, бескрајот ги чука по главите, им пулсира, тик-так жилата, станува сина, поцрвенува, додека не експлодира.

Секогаш, не само тогаш, ќе се сетите на сите потценувани, шуткани, потшутнувани, фрлани, потфрлани жени. Тогаш и гледате дека не дозволуваат да се расфрлани, гледате дека стануваат, не се сомневајте дека секогаш се станува пред светот клекнат.  

Мислите дека некого боли ако се гледани со потсмевање, со години исмевани, сите се смеат наглас, најдолгото хаха, мислите дека тоа навистина и боли некоја жена, дека нешто значи, дека ја допира, дека се осврнува кога светот се пресметува со неа на тој начин.

Тогаш, кога ќе можат овие жени да пишуваат, да множат, да делат, да сликаат, да цртаат, да претураат течности во епруветите, да ги промешуваат, да ги клацкаат формулите, да си поигруваат со резултатите, да покажат дека нема што вам да ви докажуваат.

Тогаш, кога ќе се ослободат од синџирите заковани на нозете а поврзани со шпоретите, машините за перење, сушење, ладење, топлење, со миксерот кој им врти во главата, тогаш кога ќе се ослободат од огледалцата во ташните, кои служат за потсмев и презир на Буковски. Тогаш, кога ќе разберете дека сте смешни со сите ваши задачи и очекувања од сите овие жени, дека сте ништожни, дека сте безвредни и мали, дека ништо не им можете, ништото никако да го разберете.

Тогаш, кога ќе разберете кои се вашите привилегии, за разлика од гадостите кои ги негувате кога им објаснувате дека тоа е нивен избор,тогаш, кога сте ги оставиле за да ги згазат баш од вас.

Тогаш, кога ќе ви стане јасно како сме изгледале отсекогаш и дека тешко дека многу е променето во оваа земја, во самата срж, во самата суштина. Тогаш можеме да зборуваме за нашата рамноправност и еднаквост. А дури ни тогаш не би можело.