25 минути

Генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти стапија во генерален штрајк од денеска. Образложението за штрајкот се неисполнети барања за повисоки плати и одигурување, и покрај одржаниот протест на 27 март и средбата со министерот за здравство Илир Демири на 2 април.

– На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада.
По остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања, информираа во соопштението.

Токму поради тоа, стапуваат во генерален штрајк од денеска, кој ќе трае сѐ до исполнување на нивните барања.

Од Министерството за здравство посочија дека по средбата со приватните специјализанти, изготвен бил извештај и доставен е до Владата, а на некоја од седниците, ќе дојде на разгледување со цел да се видат барањата и можните решенија во овој предизборен период.

-Министерството за здравство секогаш ќе се залага за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти, кои се важни во здравствениот систем. Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти, соопшти Министерството.