Не можам да ги читам, ниту да ги слушам еминентните доктори, врвни експерти, најголемите епидемиолози, микробиолози, токсиколози во оваа земја, Драган Даниловски, Никола Пановски и Нико Беќаровски. Затоа што, тие се луѓето кои нѐ враќаат во едно време, кое одамна го нема. Тогаш кога оваа земја беше држава. Кога ја водеа луѓе како нив, како Даниловски, Пановски и Беќаровски.
Затоа што знам дека нема да се вратат онаму каде што припаѓаат. На врвот, за да станеме пак луѓе. За да бидеме повторно држава. Да, колку и да не била совршена таа држава, она што сме сигурни е дека секако беше некакво пристојно место за живеење. Но, се појавија нови луѓе, нѐ покосија тие, ни донесоа нови времиња. На катастрофи, на трагедии. Зад себе оставаат безброј жртви, секојдневно броиме, се пребројуваме.
Што е следно, што нѐ очекува, каква несреќа надвиснала над нас, со зла, злокобна насмевка трие раце и кова планови да нѐ отпише.
Кои нормални луѓе приклучуваат пумпи од фекалии на водовод? Зошто не соопштиле, не признале дека има недостиг на вода, дека сѐ е потрошено, дека е уништено непровратно? Дека дури и во услови на војна на население не му се сервираат фекалии за да го истребат.
Дури сега дознаваме дека Гостивар добил донација од Швајцарија, седум милиони евра за водовод, за решавање на проблемот со водата за пиење. Конечно, сега излегуваат ден по ден, еден по еден, градови, села, населени места кои имаат загадена вода, опасна вода, затоа што дури сега започнуваат контроли. До кога? До кога ќе траат овие инспекции и проверки, колку денови, часови, минути?
Сѐ е во рацете на Партијата. Таа ќе одлучи за судниот ден, кога ќе се одвртат чешмите, кога ќе секнат. Дали ќе биде некој казнет, или само ќе биде чукнат педагошки по глава, прекорен, попреку погледнат, а до вчера бил потчукнат по рамо, охрабруван и наградуван.
Но, кој ќе гласа за Партијата ако сите ги покосат, ако нѐ истребат, како не разбираат дека ќе остане само Партијата, и тоа само за да потпише смртна пресуда на самата себе. Како не сфаќа Партијата дека и таа го дише истиот отров од овој воздух, ги пие истите фекалии од оваа вода, ја јаде истата храна со состојки за кои нема никакви контроли. Дека така ќе изгледа историјата за нивното владеење, за нивниот живот, за она што оставиле во наследство. Фекалии за сопствениот народ. Вреди ли?
